Атмосферата на планетата во форма на лимон, наречена PSR J2322-2650 b, која беше откриена со помош на веб-телескоп во 2017 година и која орбитира околу пулсар, се состои претежно од хелиум и јаглерод.
Можно е на планетата да постојат наоѓалишта на дијаманти, објавија Американската национална аеронаутичка и вселенска администрација (NASA) и Универзитетот во Чикаго.
Водечкиот истражувач Мајкл Жанг од Универзитетот во Чикаго истакна дека станува збор за сосема нов тип на планетарна атмосфера, која досега никогаш не е забележана.
Наместо типични молекули како вода, метан или јаглерод диоксид, атмосферата на новооткриената планета содржи молекуларен јаглерод, односно молекули составени од два и три атоми на јаглерод, објавено е во списанието The Astrophysical Journal Letters.
Молекуларниот јаглерод е необичен затоа што на температури од околу 650 степени Целзиусови на ноќната страна и над 2.000 степени на дневната страна на планетата, може да се врзува со други типови атоми ако се присутни во атмосферата.
Молекуларниот јаглерод доминира само кога нема кислород или азот.
Планетата орбитира околу пулсар со период од нешто помалку од осум часа и постојано ја држи едната страна свртена кон пулсарот, слично како што Месечината го прави тоа кон Земјата. Гравитациското влијание на пулсарот е толку големо што планетата е издолжена во форма на лимон.
Утврдено е дека масата на планетата е слична на Јупитер и дека планетарниот систем се наоѓа на 750 светлосни години од Земјата. Научниците се особено заинтересирани за нејзината необична атмосфера.
Освен што атмосферата на планетата доминира со хелиум и јаглерод, утврдено е дека низ неа дуваат силни западни ветрови кои можат да создадат облаци од сажа. Длабоко внатре во планетата, сажата може да се кондензира и да формира дијаманти.
