Замрзнати карпи што се наоѓаат во Кајперовиот појас, надвор од Нептун, обично следат орбита насочена во одредена насока, а астрономите уште пред 20 години сугерираа дека овој феномен е резултат на гравитациското влијание на т.н. „деветта планета“, која би можела да биде десет пати помасивна од Земјата, пренесува BFM TV.
Откритие во потрага по мистериозната деветта планета
Во рамките на потрагата по оваа сè уште непотврдена планета, тројца американски астрономи тврдат дека откриле нова кандидатка за статус џуџеста планета.
Објектот, наречен 2017 OF201, има дијаметар од околу 700 километри, според прелиминарната студија објавена минатата недела, која сè уште не е рецензирана.
Тој е трипати помал од Плутон, но доволно голем за да се смета за џуџеста планета, вели главниот автор на студијата, Сјао Ченг од Институтот за напредни студии во Њу Џерси, САД.
Орбитата води до самиот раб на Сончевиот систем
Во моментов, OF201 се наоѓа трипати подалеку од Земјата од Нептун, но неговата орбита е екстремно издолжена и го носи дури 1.600 пати подалеку од растојанието Земја-Сонце, до Оортовиот облак – најоддалечениот регион на Сончевиот систем.
Ова патување низ орбитата трае 25.000 години, а објектот би бил видлив од Земјата само 0,5% од времето, односно околу еден век.
„Веќе станува сè помалку видлив“, предупредува Ченг, кој верува дека ова откритие сугерира дека може да постојат „стотици слични објекти со слични орбити“ во Кајперовиот појас.
Важно откритие за астрономи и за идни истражувања
Младиот 23-годишен астроном-аматер од Калифорнија, Сем Дин, го следел објектот преку стари бази на податоци.
„OF201 е, според мое мислење, едно од највозбудливите откритија во надворешниот Сончев систем во последните 10 години“, изјавил тој.
По откритието во 1930 година, Плутон некое време беше деветта планета во Сончевиот систем, но во 2006 година беше прекласифициран како џуџеста планета, главно поради неговата големина – тој е помал и од Месечината.
Денеска, покрај Плутон, Сончевиот систем има уште четири џуџести планети: Церера, Ерис, Макемаке и Хаумеа.
Деветтата планета – сè помалку веројатна?
Кога научниците ја моделирале орбитата на 2017 OF201, откриле дека не го следи истотo однесување како другите слични објекти во Кајперовиот појас, што може да ја доведе во прашање хипотезата за деветтата планета.
Ова „исклучително откритие“ и слични објекти укажуваат дека почетните аргументи во корист на деветтата планета сега се сè послаби, вели и Саманта Лолер, истражувач од Универзитетот Режајна во Канада.