Откриен протеин кој го предизвикува стареењето

Јапонски научници идентификуваа протеин кој го поттикнува процесот на стареење – AP2A1. Според истражувањата, неговото блокирање може значително да го забави или дури и да го преобрати стареењето на клетките.

Ако ова откритие се потврди и во практична примена, не само што би можело да го продолжи човечкиот живот, туку и да ги ублажи или спречи болестите поврзани со стареењето, како што се остеопорозата, срцевите заболувања, некои видови рак и невродегенеративните болести.

Како функционира AP2A1?
Во процесот на стареење, клетките стануваат сè помалку активни – не се делат, но и не умираат, состојба позната како клеточна сенесценција. Притоа, тие стануваат значително поголеми и помалку подвижни поради засиленото присуство на одредени протеини.

„Ова откритие е револуционерно, бидејќи ни покажува дека старите клетки не само што стануваат поголеми, туку и дека нивното стареење може да се преобрати со таргетирање на специфични протеини“, изјави главниот истражувач Пираван Чантачотикул.

Научниците откриле дека:
Блокирањето на AP2A1 во старите клетки предизвикува нивна регенерација.
Зголеменото присуство на овој протеин во младите клетки го забрзува стареењето.

Ова значи дека во иднина, наместо само да се третираат симптомите на стареењето, би можело да се таргетираат неговите основни клеточни причини. Иако ова откритие е сè уште во почетна фаза, отвора надеж за револуционерни терапии кои би можеле да го забават или дури и да го спречат процесот на стареење.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни