Откриен последниот оброк на мумифициран крокодил од пред 3000 години

Фото: Lidija McKnight

Египјаните освен луѓе, мумифицирале и сочувале остатоци и од бројни животни. Помеѓи тие кои биле третирани со посебни материјали, древните Египјани мумифицирале и крокодили.

Користејќи модерни скенери, научниците денес може да утврдат како мумифицираните животни умреле и како се постапувало с отелото по нивното угинување. За Египјаните, животните имале важна религиозна функција, а според нивното сфаќање тие имале функција и во задгробниот живот.

Јастребите биле поврзувани со богот на Сонцето, Хорус, бидејќи летале високо на небото. Мачките биле поврзувани со божицата Бастет, храбра и свирепа, но заштитнички настроена со мајчинска фигура.

Повеќето животински мумии биле правени со цел да се подарат, додека има такви и кои се ставале во гробниците на луѓето, бидејќи им припаѓале додека биле живи. Животните често биле мумифицирани и во знак на придавање жртва кон некој бог, за тој да се смилува на луѓето.

„Животинските мумии ни нудат дополнителни информации од светот на природата од тој период, поточно од 750 година пне до 250 година од новата ера. Некои од мумифицираните животни веќе и не живеат во Египет. На пример, старите Египјани секој ден гледале ибиси, птици со долги нозе и заоблен клун, кои живееле покрај бреговите на Нил. Овие птици биле мумифицирани како жртви на Теут, богот на мудроста и пишувањето“ вели Лидија Мекнајт, египтолог од Универзитетот во Манчестер.

Овие птици веќе ги нема во Египет. Поради климатските промени се преселиле на југ во Етиопија.

Уште една невообичаено мумифицирано животно е крокодилот. Иако крокодилите живееле во Нил порано, со изградбата на Асуанската брана во 1970 година тие веќе не може да се движат на север, кон делтата на Нил.

Крокодилите биле поврзувани со Собек, господарот на Нил и бог, чие присуство сигнализирало годишна поплава, која обезбедувала вода и кал богата со хранливи материи, важна за плодноста на почвата.

Крокодилите биле мумифицирани како жртви за Собек, но и користени како талисмани низ Египет за одбрана од зло.

Археолошките наоѓалишта потврдуваат дека Египјаните ги одгледувале крокодилите, бидејќи имало посебно делови за инкубација на јајца и одгледување малечки.

Како што крокодилите растеле, ризикот за нивните чувари се зголемувал па тие биле пуштани во природата или мумифицирани.

„Мумијата на крокодил во нашето истражување ни даде наоди кои сугерираат како овие животни биле заловувани за убивање. Мумијата се чува во колекцијата на музејот во Бирмингем во Велика Британија и е долга 2,23 метри“ вели Мекнајт.

Фото: Lidija McKnight

Во мај 2016 година, мумијата на крокодил која била дел од пошироко истражување била пренесена во Кралската болница во Манчестер за да се скенира.

Рендгенот и ЦТ снимките покажале дека дигестивниот тракт на крокодилот бил исполнет со мали камчиња познати како гастролити. Крокодилите често голтале мали камења за да им помогнат во исхраната. Гастролитите сугерираат дека луѓето кои ги балсамирале не вршеле евисерација, процес на отстранување на внатрешните органи.

Покрај камењата, снимките покажале и присуство на метална јадица за риба и остатоци од риби.

Студијата исто така сугерира дека големите мумифицирани крокодиле биле ловени во дивината со помош на јадици на кои како мамец биле ставани риби. Тоа му дава тежина на извештајот на грчкиот историчар Херодот, кој го посетил Египет во петтиот век пред новата ера и пишувал за убивањето на свиња на брегот на реката, за да се намамат крокодилите. Свинското месо исто така било ставано на јадиците како мамец за крокодили.

Извор: РТС

Најново

Последни колумни