Откриен лек поефикасен од аспирин за спречување срцеви удари

Ново истражување покажува дека лекот клопидогрел е поефикасен од аспирин за превенција на срцеви удари и мозочни удари, без дополнителен ризик од крварење. Ова може да ги смени глобалните здравствени насоки.

Лекарите открија лек кој е поефикасен од аспирин во спречувањето на срцеви и мозочни удари – откритие што потенцијално може да ги промени здравствените насоки ширум светот.

Децении наназад, милиони луѓе се советувани да земаат аспирин во мала дневна доза за да го намалат ризикот од сериозни кардиоваскуларни настани. Аспиринот ја намалува лепливоста на крвта и така помага да се спречат срцеви удари и мозочни удари.

Но, ново истражување претставено на најголемиот светски кардиолошки конгрес – Европското здружение за кардиологија во Мадрид – откри дека клопидогрил, лек кој веќе се користи како средство за разредување на крвта, е поефикасен од аспиринот, и тоа без зголемен ризик од крварење.

Овие наоди се објавени и во угледното медицинско списание The Lancet, каде што меѓународен тим лекари од САД, Велика Британија, Австралија, Швајцарија и Јапонија наведуваат дека клопидогрел е „супериорен“ во однос на аспиринот и треба да се користи широко во клиничката пракса.

Истражувањето опфати скоро 29.000 пациенти со коронарна артериска болест (CAD) – најчеста форма на срцева болест и водечка причина за смртност ширум светот. Анализата покажа дека пациентите кои земале клопидогрел имале 14% помал ризик од сериозни кардиоваскуларни и мозочни инциденти (вклучувајќи срцев удар, мозочен удар или смрт од кардиоваскуларна причина), во споредба со оние кои земале аспирин.

Притоа, не е забележана значајна разлика во сериозни случаи на крварење помеѓу двете групи, што ги отфрла стравувањата дека клопидогрел би можел да предизвика повеќе компликации.

Истражувачите заклучуваат дека:

„Оваа обемна анализа на постоечките докази покажува дека кај пациенти со CAD, долгорочната терапија само со клопидогрел обезбедува подобра заштита од сериозни кардиоваскуларни и мозочни настани во споредба со аспирин – и тоа без зголемен ризик од крварење.“

Дополнително, дури и кај пациенти кои имаат помала биолошка реакција на клопидогрел поради генетски или клинички причини, лекот сè уште покажал подобри резултати од аспирин, што го прави релевантен за широка популација на пациенти.

Клопидогрел е достапен како генерички лек, што го прави достапен и економски поволен, а тоа дополнително ја засилува неговата потенцијална употреба во секојдневната медицинска пракса.

Проф. Брајан Вилијамс, главен научен и медицински директор на Британската фондација за срце, изјави:

„Ова истражување сугерира дека клопидогрел може да биде поефикасна алтернатива на аспиринот во спречување на повторени срцеви и мозочни удари – и тоа без зголемен ризик од сериозно крварење. Овие резултати веројатно ќе влијаат врз изборот на лекови кои лекарите им ги препишуваат на пациентите.“

Овие резултати имаат потенцијал да влијаат врз глобалните здравствени препораки, со цел подобрување на третманот и резултатите кај пациенти со коронарна артериска болест.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни