Контроверзната студија за вакцини против хепатит Б кај новороденчиња во Гвинеја Бисао, финансирана од Соединетите Американски Држави, е откажана поради остри критики поврзани со сериозни етички прашања. Проектот, вреден 1,6 милиони долари, беше спорен поради планот докажано ефикасната вакцина да ѝ биде ускратена на контролната група деца во земја која е тешко погодена од оваа болест, пишува The Guardian.
Откажувањето го потврди Јап Бум, висок функционер на Африканските центри за контрола и превенција на болести (CDC).
„Студијата е откажана“, изјави Бум денеска пред новинарите.
Студијата беше финансирана под надзор на американското Министерство за здравство и социјални услуги (HHS), на чие чело е Роберт Ф. Кенеди помладиот, долгогодишен скептик кон вакцините.
Бум додаде дека студијата е стопирана затоа што отворила клучни етички дилеми.
„Начинот на кој беше осмислена студијата претставуваше сериозен проблем“, рече тој.
Според наводи, официјални лица во Гвинеја Бисао изјавиле дека испитувањето сепак ќе се одржи. Сепак, од Африканскиот CDC порачаа дека студијата може да продолжи само доколку биде целосно редизајнирана за да се решат етичките прашања.
Лекар: Никогаш не сум бил посреќен
Бум наведе дека „разговорите сè уште се во тек“ меѓу властите на Гвинеја Бисао и САД за тоа како вакво испитување може да се спроведе на етички начин. Тој додаде дека Африканскиот CDC формирал тим кој ќе обезбеди локалните власти да добијат „соодветна поддршка за да се осигура дека студијата, доколку мора да се спроведе, ќе биде во согласност со етичките стандарди“.
Гвинеја Бисао во ноември доживеа државен удар, по што беа сменети сите највисоки функционери, вклучувајќи ги и оние во Министерството за здравство. Претходните функционери не одговараа на новинарските прашања.
„Доброто победи“, изјави Пол Офит, специјалист за заразни болести во Детската болница во Филаделфија. Веста за откажувањето ја нарече „исклучително охрабрувачка“, додавајќи дека, освен раѓањето на неговите деца, „никогаш не бил посреќен“.
„Ова е победа за етиката во истражувањата“
„Оваа администрација не ги сметаше луѓето во Африка за доволно вредни“, рече Офит.
„Не можете вака да се однесувате кон децата, не можете вака да се однесувате кон луѓето. Успеавме да се избориме за нив и да ги убедиме надлежните дека ова е неетично“, додаде тој.
Американското Министерство за здравство (HHS) не одговори на прашањата за причините за откажувањето.
Богхума Титанџи, вонредна професорка по медицина на Универзитетот Емори, изјави дека обустaвата претставува победа за почитување на етичките стандарди во истражувањата. Студијата, во формата во која била осмислена, ја нарече штетна.
„Може да предизвика последици кои ќе траат со децении по завршувањето на студијата“, рече Титанџи, додавајќи дека ваквите случаи покажуваат како „институциите зајакнуваат“ кога одбиваат неетички истражувања во Африка.
Истражувачите тврдеа дека студијата би обезбедила вакцина за 7.000 новороденчиња кои „инаку не би ја примиле“. Критичарите, меѓу кои и Офит, посочија дека тоа би значело дека уште 7.000 деца во контролната група би останале без вакцина „со фрлање паричка“, со што „свесно би им се ускратила животоспасувачка вакцина“.
Висока распространетост на хепатит Б
Во Гвинеја Бисао околу 18% од возрасните и 11% од децата помлади од една година имаат хепатит Б. Децата заразени во рана возраст имаат значително поголем ризик од долгорочни последици, како цироза на црниот дроб и рак.
Државата моментално препорачува вакцинација против хепатит Б на возраст од шест недели, но планира воведување вакцинација за сите новороденчиња од 2027 година.
