Компанијата Sports Interactive која ја објавува мегапопуларната компјутерска игра Football Manager соопшти дека го откажува објавуавњето на FM25.
Тоа значи дека фудбалските менаџири од фотелјите ќе мора да ја чекаат верзиајта Football Manager 2026 за да ги продолжат своите кариери и авантури во светот на фудбалот.
По две одложувања, тимот зад играта FM25 не успеа навреме да го заврши развојот на најновиот наслов, поради што донесе тешка одлука да ја суспендира и да се фокусира на изданието следната сезона.
Според претходните планови, Football Manager 25 требаше да биде објавен за PC, PlayStation 5, Xbox Series, Xbox One, Switch, Android и iOS во март 2025 година, откако веќе беше одложено ноемвриското објавување. Сепак, тоа нема да се случи, а на сите кои однапред ја нарачале играта ќе им бидат вратени парите.
Најголемата причина за доцнењето на играта FM25 е тоа што Sports Interactive по долго време реши да го развие новиот наслов „од почеток“, односно да го базира на нов „мотор“ и да имплементира нови менија и дизајн. Сепак, веќе некое време беше јасно дека развојот не се одвива според планот, а играта не беше откажана претходно бидејќи тимот верувал дека може да го достигнат посакуваното ниво на квалитет.
Откажувањето на играта значи и дека FM24 нема да се ажурира со моменталната база на податоци. Ваквиот потфат, според инвеститорот, би барал премногу ресурси, кои тој сака да ги насочи кон развивање на играта Football Manager 26.
„Отсекогаш сме се гордееле со испораката на игри кои обезбедуваат најдобра вредност за парите и часови на огромно уживање, игри кои вредат секој момент и секој вложен денар. Со FM25 сакавме да ги направиме најголемите технички и визуелни достигнувања во серијата во последните неколку генерации, поставувајќи ги темелите за нова ера“ велат од Sports Interactive.
Тие велат дека многу делови од играта се завршени, но целокупното искуство и кориснички интерфејс не биле на потребното ниво кое што го очекувале, поради што се одлучиле за откажување.
„Можевме да продолжиме со развојот, да го објавиме FM25 во сегашната состојба и да ги поправиме грешките подоцна, но тоа не е вистинскиот потег. Исто така, не сакавме да го туркаме објавувањето на играта по март, бидејќи тогаш ќе бидеме премногу длабоко во фудбалската сезона за да очекуваме играчите да купат уште една игра подоцна во текот на годината. Поради оваа одлука, сите наши ресурси сега се фокусирани на обезбедување дека следното издание ќе ја достигне нашата цел и квалитетот што сите го очекуваме. Ќе ве информираме за напредокот штом ќе имаме можност“ велат тие.