Илјадници летови суспендирани во регионот на Блискиот Исток

Главните аеродроми во регионот, вклучително и Дубаи, се затворени трет ден по ред поради ескалацијата на конфликтот меѓу САД, Израел и Иран.

Повеќе од 1.000 летови кон дестинации на Блискиот Исток се откажани од утринава поради воените операции и возвратните напади во регионот, објави „Гардијан“. Според последните податоци, до утринските часови биле откажани најмалку 1.239 летови.

Меѓу најпогодените превозници се Емирати Ерлајнс со седиште во Дубаи, Етихад Ервејс од Абу Даби и Катар Ервејс од Доха, кои заедно откажале стотици летови. И други авиокомпании ги суспендираа услугите низ регионот, додека Ер Индија ги откажа летовите од Њу Делхи, Мумбаи и Амритсар кон големите европски и северноамерикански градови.

Според платформата за следење летови ФлајтАвер, во саботата биле откажани речиси 2.800 летови, а во неделата 3.156 летови, откако започнаа американско-израелските напади врз Иран.

Воздушниот простор над Иран, Ирак, Кувајт, Израел, Бахреин, Обединетите Арапски Емирати и Катар останува речиси празен, покажуваат податоците на Флајтрадар24.

Последиците од конфликтот се чувствуваат и надвор од регионот, при што патници останаа заглавени на аеродроми од Бали до Франкфурт. Извршниот директор на брокерската куќа за приватни авиони „Вимана Прајват“, Амир Наран, изјави дека „Саудиска Арабија е единствената вистинска опција за оние што сакаат веднаш да го напуштат регионот“.

Доколку воздушниот простор остане затворен, се очекуваат дополнителни откажувања и сериозни нарушувања во глобалниот воздушен сообраќај во наредните денови.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни