Мало мајмунче по име Панч, отфрлено од неговата мајка по раѓањето , стана интернет сензација откако пронајде утеха во плишана играчка.
Трогателната приказна од јапонската зоолошка градина Ичикава Сити привлече толку големо внимание што реагираше и самата ИКЕА, чиј плишан орангутан стана неразделен придружник на малото макаки.
Откако приказната стана вирална, Петра Фаре, претседателка и главен директор за одржливост на ИКЕА Јапонија, ја посети зоолошката градина во градот Ичикава на 17 февруари. По тој повод, таа донираше голем број резервни и нови плишани играчки за да се осигури дека Панч секогаш има извор на утеха.
Градоначалникот на Ичикава, Ко Танака, ја сподели веста на социјалните мрежи X. „Малото мајмунче Панч, кое се бореше само и вредно да порасне, стана толку сакано што многумина сега го бодрат кога ќе го видат со неговата плишана играчка, која ја смета за своја мајка. Денес, претседателот на компанијата што ги произведува овие играчки нè посети и донесе огромен број од нив“, напиша градоначалникот.
Официјалниот профил на градот Ичикава, исто така, објави благодарница. „Се надеваме дека донираните плишани играчки ќе продолжат да бидат извор на утеха и ќе му помогнат на Панч постепено да се прилагоди на групата. Ајде сите заедно да продолжиме да го поддржуваме“, се вели во објавата.
Панч, јапонски макак роден во јули 2025 година, бил напуштен кратко по раѓањето и бил ставен под грижа на неговите старатели. Кога се обиделе да го интегрираат со другите мајмуни, забележале дека е изолиран и тешко го прифаќа групата. На интернет се појавија снимки на кои се гледа како другите мајмуни го туркаат подалеку.
Бидејќи бебињата мајмуни во дивината се држат за своите мајки, чуварите во зоолошката градина му дале плишан орангутан за да му ја ублажат вознемиреноста и осаменоста. Оттогаш, Панч ретко се одвојувал од својата играчка, третирајќи ја како мајка и користејќи ја како утеха. Обожавателите на интернет ја нарекоа играчката „оранг-мама“, а наскоро беше откриено дека станува збор за производ на ИКЕА.