Осврт на True Romance: Постмодерно патување низ насилство и љубов

Со филмот True Romance (1993), Тони Скот создава визуелно богато, стилски наелектризирано дело кое ја инкорпорира филозофијата на Квентин Тарантино преку неговото сценарио, обликувајќи го во еден од најсуштинските постмодерни филмови на 90-тите. Оваа крвава бајка за љубовта, криминалот и судбината не е само триумф на стилот над суштината – таа е маестрална синтеза на американската кинематографија, референцијален мозаик на жанровски кодови, егзистенцијални прашања и инди-естетика.

Романтиката на насилството и егзистенцијалната убавина

Филмот ја прикажува приказната на Кларенс и Алабама, пар изгубен во еден свет на насилство, мафијашки пресметки и фатални решенија. Нивната љубов е исполнета со наивност и апсолутна лојалност – една модерна верзија на „Бони и Клајд“, каде што пулсот на романтиката никогаш не престанува, дури ни среде хаосот. Оваа перспектива го поврзува филмот со раните дела на Терeнс Малик, особено со неговото деби Badlands (1973).

Кларенс и Алабама, слично како Кит и Холи од Badlands, живеат во сурова реалност што се обидуваат да ја романтизираат. Но, таму каде што Малик ја истражува природата на невиноста, Скот и Тарантино го насочуваат кино-фокусот кон урбаниот пејзаж каде што насилството, медиумите и културните референции стануваат алатки за себепронаоѓање.

Постмодернизмот во најсјајната форма

Во естетиката и структурата на True Romance, постмодернизмот се манифестира преку колажот од влијанија – од pulp фикцијата на 50-тите, преку шпагети-вестерни, до јапонските самурајски филмови. Дијалозите, исполнети со поп-културни референци, стануваат клучен елемент во наративната методологија на Тарантино. Сцените како разговорот помеѓу Кристофер Вокен и Денис Хопер, каде што енергијата на актерската игра ја надминува тензијата на пишаниот збор, се потсетник дека дијалогот е навистина моќно наративно орудие.

Тони Скот ја задржува препознатливата визуелна експресија преку живописната кинематографија, каде што неонските бои и динамичната камера го поткопуваат традиционалниот реализам, создавајќи свет што изгледа како фантазмагорична верзија на Америка. Оваа стилистичка хиперреалност креира визуелен јазик и печат во кој природата е заменета со урбани пејзажи, мотели, стриптиз-клубови и автопати.

Влијанието на Терeнс Малик

True Romance е  стилизиран, модерен омаж на Badlands. Двата филма го делат мотото дека љубовта е спасоносен чин, но го третираат од различен агол. Малик ја раскажува својата приказна со медитативен ритам, додека Скот и Тарантино ги туркаат настаните со адреналинска брзина. Сепак, во срцето на двата филма лежи еден ист концепт: романтичниот идеализам што е осуден на пропаст во судирот со реалноста.

Badlands ја посматра природата како сцена на трагедијата, додека True Romance ја пронаоѓа убавината во хаотичноста на модерниот свет.

True Romance пак, е повеќе од филм – тоа е постмодерна структура исполнета со цитати од поп-културата, акцентирајќи ги феномените на љубовта и насилството. Под режисерската палка на Тони Скот, а посебно преку сценариото на Квентин Тарантино, филмот создава простор каде што егзистенцијалните прашања се мешаат со (не)подобната естетизација на криминалот. Како мост помеѓу раните дела на Малик и поексплицитниот јазик на 90-тите, True Romance беше, и сеуште останува култно дело што ја слави љубовта како финален чин на бунт.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни