Осврт кон филмот Тесла со Итан Хоук во насловната улога

Филмот Тесла во режија и по сценарио на американскиот филмаџија Мајкл Алмереида е интригантен, уникатно конципиран биографски пристап кон животот на иноваторот Никола Тесла, портретиран од Итан Хоук. Наместо класичен хронолошки приказ на животот на еден научник, Алмереида креира иновативен и експериментален филм кој ги прекршува традиционалните наративни структури.

Алмереида ја користи биографијата на Тесла и за да ја раскаже неговата животна приказна и за да експериментира со филмскиот медиум, притоа канализирајќи го влијанието на Дерек Џарман, култниот британски режисер препознаен по својата визуелна поетика и по храбрите, неортодоксни стилски избори.

Алмереида во Тесла ја користи оваа естетска слобода, комбинирајќи историски моменти со современи елементи, како што се проекциите на модерни пејзажи и дигитални ефекти. Сево ова потсетува на талентот и способноста на Џарман да ги деконструира традиционалните биографски форми, како што впрочем е приметливо во неговите филмови како Караваџо и Едвард II. Ваквата креативна слобода му овозможува на Алмереида да создаде повеќеслоен приказ на Тесла – како историска фигура, но и како симбол на невидливите сили што го движат светот.

Еден од најинтригантните аспекти на филмов е вклучувањето на модерни музички нумери кои значајно го надополнуваат наративот. Кулминација на овој зафат е сцената каде што Итан Хоук како Тесла, ја изведува нумерата „Everybody Wants to Rule the World“ потпишана од Tears for Fears. Вака замислена, сцената создава апсурден и меланхоличен момент и ги акцентира базичните теми на филмот: амбицијата, изолацијата и неизбежните ограничувања на човековите сништа.

Модерната музика во Тесла има функција да го разгради чувството на историска дистанца и да ја поврзе приказната со сегашноста. Нумерите служат како метафорични прозорци кон емоционалниот свет на ликовите, особено кон оној на Тесла, чија генијалност и опсесија со иднината ја надминува целата негова епоха. Со ваквиот пристап, Алмереида ја нагласува релевантноста на Тесла во современиот контекст, а истовремено го поставува прашањето за тоа како технологијата и моќта ги обликуваат нашите животи.

Итан Хоук го доловува ликот на Никола Тесла со суптилност и емотивна комплексност, претставувајќи го како интровертен визионер кој е постојано опседнат со своите идеи, а истовремено е изолиран и недоволно разбран од општеството и колегите. Филмот дава посебен акцент на неговите ривалства, особено со Томас Едисон (портретиран од Кајл МекЛахлан), но не ги прикажува овие конфликти на традиционален начин, туку повеќе како симболични одрази на идеолошките и личните разлики.

Сценографијата и кинематографијата на филмот се минималистички, но креативни. Просториите се често осветлени со студено, вештачко светло што асоцира на електрична енергија и создава атмосфера на меланхолија и осаменост. Во овој контекст, филмот го истражува прашањето за генијалноста и нејзината цена – колку и што се еден човек мора да жртвува за своите креативни иновации?

Дефинитивно, филмот не е за секого. Неговата нестандардна структура и постојаното експериментирање со формата може да ги одвратат гледачите кои очекуваат традиционален биографски филм. Наместо тоа, Тесла функционира повеќе како медитативен филм кој наметнува размисли за природата на иновацијата, историјата и времето.

Во крајна линија, Тесла е филм кој го прикажува научникот како нешто повеќе од само историска фигура – го претставува како симбол на човечката желба за прогрес и откритија, но и како единка која се бори со сопствената самотија и општественото отфрлање и неразбирање.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни