Најмалку осум слонови загинаа, а едно лице е повредено во тешка железничка несреќа што се случи во североисточна Индија, кога експресен воз удрил во крдо слонови, по што пет вагони излетале од шините, соопштија железничките власти.
Несреќата се случила во Асам, во округот Хоџаи, кога експресниот воз Раџдани, кој сообраќал на релација Саиранг – Њу Делхи, удрил во крдо слонови што ненадејно се појавило на железничката пруга. Инцидентот се случил околу 2:15 часот по полноќ, пренесуваат индиските медиуми.
Според информациите од Североисточна гранична железница (NF Railway), машиновозачот навреме ја активирал рачната сопирачка, но поради краткото растојание не успеал да го запре возот и да го избегне судирот.
Иако патниците во возот не се здобиле со потешки повреди, едно лице било повредено, додека материјалната штета е значителна. Надлежните служби веднаш излегле на терен за да ги отстранат последиците од несреќата и да ја воспостават железничката линија.
Државата Асам е позната по честите конфликти меѓу железничкиот сообраќај и дивиот свет, особено слоновите, кои често мигрираат низ области низ кои минуваат железнички линии. Еколошките организации со години предупредуваат дека недоволните заштитни мерки, брзиот железнички сообраќај и уништувањето на природните коридори за дивите животни доведуваат до вакви трагични инциденти.
Индија во последната деценија бележи десетици случаи на загинати слонови во судири со возови, што повторно го отвора прашањето за потребата од побавен сообраќај во чувствителни зони, подобра сигнализација и изградба на безбедни премини за дивите животни.