„Хрватскиот Бермудски триаголник“: Островот Јабука – вулканска мистерија среде Јадранот

Јабука е вулкански остров во најдлабокиот дел од Јадранот, познат како „хрватски Бермудски триаголник“ поради магнетните аномалии и тешкиот пристап.

Далеку од вообичаените поморски рути, среде отвореното Јадранско Море, од сината површина се издига темна карпа со необичен облик. Некои во неа гледаат едро, други перка, трети триаголник. Најчесто ја нарекуваат „црна пирамида“. Станува збор за островот Јабука – еден од најизолираните и најмистериозните острови во Хрватска, за кој малкумина знаат.

Вулкански остров во најдлабокиот дел од Јадранот

Јабука, заедно со островот Брусник, е еден од двата вулкански острови во Хрватска. Се наоѓа околу 70 километри од Вис, во најдлабокиот дел од Јадранот, каде морето достигнува длабочина од околу 260 метри.

Пристапот до островот е исклучително тежок. Околу него има длабоко море, силни ветрови и високи бранови, а неговите стрмни и голи падини немаат природно засолниште ниту извор на питка вода. Поради ваквите услови, островот никогаш не бил населен.

Стрмните карпи на Јабука се и природно гнездилиште на соколот селец (Falco peregrinus), најбрзото животно на светот, кое при стрмоглав лет може да достигне брзина од околу 300 километри на час. Во минатото, островот бил познат и како место каде соколарите ризикувале живот качувајќи се по опасните карпи.

Магнетна аномалија и проблеми со навигацијата

Јабука е дел од т.н. вишки вулкански триаголник, област што понекогаш се нарекува и „хрватски Бермудски триаголник“. Причината за овој назив лежи во составот на карпите – тие содржат магнетит, минерал со силни магнетни својства.

Поради тоа, компасите на бродовите во близина на островот можат да покажуваат неточни насоки, што во минатото претставувало сериозен ризик за морепловците. Истите магнетни нарушувања можат да предизвикаат проблеми и при управување со дронови.

Од воена мета до предизвик за наутичари

По Втората светска војна, островот бил користен од југословенската војска како цел за воздушни воени вежби, што дополнително ја нагласува неговата изолираност.

Денес, и покрај суровите услови, Јабука претставува вистински предизвик за наутичарите и љубителите на дивата природа, кои сакаат да искусат недопрена и екстремна морска средина во нејзината најсурова форма.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни