Островот Харк, клучната точка за извоз на иранската нафта, се смета за најчувствителната економска мета во Иран. Сепак, и покрај американско-израелската воена кампања и нападите врз стотици цели во земјата, овој нафтен терминал досега не бил погоден.
Според анализи на „Гардијан“, напад врз Харк би можел да предизвика силен и долготраен раст на цените на нафтата, кои и онака веќе пораснаа поради кризата во регионот.
„Цената од околу 110 долари по барел, која ја видовме неодамна, лесно може да скокне и до 140 долари ако Харк биде нападнат. Тој остров е премногу важен за глобалните енергетски пазари“, изјави Нил Квилијам од лондонскиот институт Chatham House.
Иако САД погодиле илјадници цели во Иран и околните подрачја, досега избегнуваат директни напади врз клучната иранска нафтена инфраструктура. Сепак, стравот од иранска одмазда веќе влијае врз транспортот на танкери низ Ормускиот теснец, што дополнително ги зголемува цените на нафтата.
Израелското воздухопловство во саботата нападна две рафинерии и две складишта за нафта, по што делови од Техеран накратко останаа без електрична енергија, додека густ чад се издигаше над градот.
Островот Харк се наоѓа на околу 43 километри од иранскиот брег во Персискиот Залив и е долг околу осум километри. На него завршуваат нафтоводите што ја носат нафтата од големите нафтени полиња во централниот и западниот дел на Иран.
Преку овој терминал вообичаено се извезуваат меѓу 1,3 и 1,6 милиони барели нафта дневно. Во пресрет на ескалацијата на конфликтот, Иран го зголемил извозот на околу три милиони барели дневно и складирал дополнителни 18 милиони барели како резерва.
Поради плиткиот ирански брег, најголемите танкери можат да се натовараат токму на Харк, кој има директен пристап до длабоки морски води.
Некои аналитичари тврдат дека во Вашингтон се разгледувала и можноста за заземање на островот, со цел економски да се ослаби Иран. Но експертите предупредуваат дека таков потег би предизвикал сериозен глобален енергетски шок.
„Ако Иран не може да ја извезува својата нафта, а САД не можат да ја произведуваат таму, тоа би создало хаос на пазарите“, предупредуваат аналитичарите.