Меѓународни организации остро реагираа на одлуката на албанската Влада да ја затвори платформа ТикТок во Албанија, оценувајќи дека „целосното затворање на платформата е екстремно ограничување на слободата на изразување“.
Во официјалната реакција, мрежата SafeJournalists и Media Freedom Rapid Response се додава дека „широката природа на оваа мерка создава опасен преседан за непропорционално мешање на државата во дигиталните права“.
„Како земја кандидат за членство во ЕУ, се очекува Албанија да ги почитува европските стандарди за владеење на правото и основните слободи. Со приближувањето на парламентарните избори во мај 2025 година, особено загрижува времето на оваа суспензија“, се наведува меѓу другото во реакцијата.
Албанската влада на 6 месецов донесе одлука да го затвори ТикТок на 12 месеци поради „содржината што ја објавува и која поттикнува насилство и малтретирање, особено меѓу децата“.
Министерката за образование Огерта Манастирлиу рече дека службениците се во контакт со ТикТок за инсталирање филтри за родителска контрола, како и за проверка на возраста и вклучување на албанскиот јазик во апликацијата. Според неа, властите одржале 1.300 состаноци со околу 65.000 родители кои „препорачале и поддржале затворање или ограничување на платформата ТикТок.
Премиерот Еди Рама најави затворање на оваа платформа минатата година, кога тинејџер избоде до смрт друг тинејџер, во ноември, по расправија што започнала на ТикТок.
Опозицијата не се согласи со затворањето на ТикТок и поради тоа закажа протести за 15-ти март. Опозицијата смета дека забраната е „чин на нетрпеливост, страв и терор против слободата на мислата и изразувањето“.