Францускиот премиер Себастијан Лекорни и неговата влада поднесоа оставки само неколку часа откако беше формиран новиот кабинет, што ја направи оваа администрација најкраткотрајна во современата историја на Франција. Политичката криза во земјата дополнително се продлабочува.
До ненадејната оставка дојде откако и сојузниците и противниците на Лекорни се заканија дека ќе ја соборат новата влада. Тој изјави дека не може да ја извршува функцијата што му е доверена, бидејќи политичките партии одбиваат компромис.
„Повеќе не постоеја услови да ја извршувам должноста премиер и да ѝ дозволам на владата да се појави пред Народното собрание. Партиите се однесуваат како да имаат апсолутно мнозинство. На крајот, сите бараат другата страна целосно да го прифати нивниот програм. Тоа важи и за центристите и за опозицијата“, изјави Лекорни.
Француската политичка сцена е нестабилна уште од реизборот на Макрон во 2022 година. Ниедна групација не успеа да формира стабилно мнозинство, а минатогодишните предвремени избори ја влошија ситуацијата. Ова е петта влада за само две години.
Макрон досега одбиваше и оставка и нови избори, но сега останува без јасни опции. Неговиот сојузник Лекорни, 39-годишен технократ, се сметаше за последна надеж за градење консензус, особено околу буџетот за следната година. Но по само 27 дена на функцијата и кабинет што траеше 14 часа, ситуацијата станува критична.
Според Џон Лестер од АП, следниот чекор е нејасен, но се зголемува притисокот врз Макрон повторно да го распушти парламентот. Тоа би можело да ѝ овозможи на крајно-десничарската партија на Марин Ле Пен да формира влада, иако не се исклучува нова блокада и нестабилност. Ова може да има значително влијание врз втората најголема економија во ЕУ.
Во неделата, по неколкунеделни консултации, Лекорни го именуваше новиот кабинет. Но и левицата и десницата сметаа дека тој е или премногу десничарски или не доволно, и веднаш се постави прашањето: колку ќе трае оваа влада?
Во обид да ја стабилизира ситуацијата, Макрон го замоли Лекорни да остане во функција до среда и да се обиде уште еднаш да постигне договор со партиите. Уставот му овозможува повторно именување, но исходот е неизвесен.
„Претседателот му го довери на г. Себастијан Лекорни, актуелен технички премиер, задачата до среда навечер да ги заврши преговорите и да дефинира план за делување и стабилизација на земјата“, се вели во соопштението од Елисејската палата.
Анализа: Што следува?
Серџо Кантоне, уредник на Euronews во Брисел, вели дека двајца предложени министри не биле прифатливи за конзервативната партија Републиканци. Бруно Лe Мер, предложен за министер за одбрана, бил обвинет за натрупаниот јавен долг, а Ролан Лескир бил сметан за преблизок до социјалистите.
„Се чини дека ќе има нови избори. Лекорни кажа дека ќе се обиде уште еднаш, но потоа претседателот ќе мора да донесе одлука – или распуштање на парламентот, или евентуално негова оставка“, рече Кантоне.