Гoце Велески-Автор на најдоброто лого на повикот за брендинг за кампања за органодонорство и трансплантација

Оставам парче душа во секој дизајн


Во овие 15 години колку што се занимавам со графички дизајн имам направено сигурно четирицифрена бројка на логоа, ама ова ми е во топ две. Се надевам ќе трае доволно долго, за моите две деца да речат „Е, ова го правеше татко ми на времето“, вака графичкиот дизајнер, Гоце Велески, ги поздрави сите присутни на неодамнешното отворање на изложбата „Од срце – за животот“, настан на кој му беше и доделена наградата за најдобро лого на Повикот за професионални дизајнери за брендинг пакет на тема: трансплантација и органодонорство, настан кој е дел од Проектот за поддршка на системот за трансплантација, финансиран од ЕУ. Оваа награда беше и повод  за разговор со Велески, инаку креатор и на познатиот бренд „Омајгад“.


Трн: Што ве мотивираше да учествувате на овој Повик за визуелни дела за трансплантација и донирање органи?

Гоце: Ме мотивираше досадата и мојата психичка состојба во моментот. Јас, искрено, бев во многу тежок и темен период пред конкурсот, но, благодарејќи на една личност која се појави, видов светлина во сиот мрак. Го нацртав симболот и првобитно бев решен да ми биде тетоважа која што ќе ме потсетува дека секогаш животот носи нешто подобро, нешто посвето, некоја надеж, некој успех и некоја нова прилика да станеш човекот кој што се замислуваш. Впрочем од таму е и „Човекот со големо срце“, баш поради личноста која ме натера да се почувствувам жив и повторно да верувам дека имам „големо срце“, и дека можам повторно да сакам и да љубам, (псевдонимот на Велескси за пријава на неговото дело e„Човекот со големо срце“, н.з.). Формата за логото ја нацртав во ноември (на 17 ноември), и од најобична шкртка, стигна потоа до лого за една од најблагородните цели. Безвремснки искрено должен и благодарен ќе ѝ бидам на оваа личност, без оглед каде ќе нѐ одведат патиштата. Таа ми беше најсилна инспирација, процес и прогрес.  Сакам да знае дека ова лого  е направено само поради неа.

Tрн: Како се подготвувавте за да му пристапите на овој предизвик?  

Гоце: Тука огромна улога имаа влијанијата од моите поранешни колешки и колеги, како Ирина, Маја, Марко Стојановиќ, Дарко Фиданоски. Можам да кажам дека учејќи од нивната работа, јас научив и како да верувам во себе и што да очекувам кога нешто создавам. Сепак, тука константа е и присуството на личноста за која зборував пред малку.

Tрн: Која порака или емоција сака(в)те да ја пренесете со вашето дело?

Гоце: Јас секогаш сакам да испратам само една порака, а тоа е дека со секое мое дејствување како лого дизајнер – јас оставам парче душа во тоа лого. Колку што вложувам труд, тројно повеќе вложувам и душа во истото. И, искрено, колку и да звучи егоистично и себично, сепак ќе кажам дека мојот придонес во ова лого е мојата замисла (визија) за донирањето органи. Поточно, јас донирав душа, дел од себе за ова да биде реалност. Затоа, и ми е многу мила победата. Како што ви спомнав и во неформалниот разговор, строго сум против користење на вештачката интелигенција, затоа што таму нема душа, а јас тврдам дека во процесот ја дадов мојата душа за да ова испадне реалност.


Tрн: Дали наидовте на некои специфични предизвици во текот на креативниот процес, и ако да, како ги надминавте?


Гоце:Најголемиот предизвик ми беше да ја пренесам мојата емоција кон жирито, а потоа и кон публиката. Не знаев, и не бев сигурен, дека жирито ќе ја сфати мојата порака која сакам да ја посочам со логото, а исто толку, не бев, и сѐ уште не сум сигурен, дека пораката е јасна, посебно дека доаѓа од толку егоистична потреба да докажам, поточно да се изборам со ветерници дека оваа иницијатива ми значи, и дека ова што го правам е за подобро утре, а не за мое подобро денес.

Tрн: Што очекувате консументите да понесат од вашето дело? Какво доживување, каква мисла?

Гоце: Искрено, сакам да го запаметат логото. Како што кажав во говорот на самиот настан, сакам проектов да трае доволно долго за моите две деца го видат за 50 – 60 години и да речат „Е ова го направи нашиот татко“. Крајната цел е таа, а меѓуцелта е луѓе познаници да речат „А бе го знаеме Гоце што го направи ова, браво и секоја чест“. Ако нескромно смеам да кажам, мојата цел е да се спасат што повеќе животи. Како изгледа логото, во споредба со оваа цел, станува дури неважно.

Tрн: Дали вашите лични верувања или искуства влијаеа на вашиот пристап кон овој предизвик? Каков е вашиот став по овие прашања? Колку вашето опкружување знае за темата?

Гоце: Дефинитивно, да. Лично верувам дека сме доволно себични цел живот и правиме сѐ што сакаме за да биде по наш кејф, злоупотребувајќи го нашиот физикус за нашите себични дела. Затоа, искрено мислам дека огромен дел од нас, пионери, хајлендери треба да сме отворени кон органодарувањето и за многу други внатрешни преиспитувања, затоа што, дефинитивно – ги поместивме границите на нормалното.


Tрн: Како ја гледате улогата на дизајнот во решавањето на општествените прашања како што се донирањето органи и трансплантацијата?

Гоце: Да бидам искрен, дизајнот во решавањето на вакви прашања нема никаков удел. Ова е нешто што се решава без дизајн, и без прашање. Или сакаш или не сакаш да помогнеш. Ниту еден дизајн, ниту една порака, скриена или директна, нема да го промени мислењето на личноста доколку не сака да помогне. Толку, крај на дискусијата. Мојот удел како дизајнер е тоа што јас искрено верувам дека секој мој пријател, при каква било непријатна ситуација би потпишал и би покажал отвореност кон органодарувањето и трансплантацијата, вклучувајќи ме и мене.

Tрн: Каква беше првата реакција кога дознавте дека вашето лого е наградено?

Гоце: Искрено, заборавив дека учествував. Проверив два три дена пред да добијам известување, и видов дека нема абер од некаков  фидбек. Потоа, случајно проверив мејл и прочитав дека моето лого е одбрано за победничко. Како што ви кажав на почетокот, оваа година беше неблагодарна за мене. Имаше мал број позитивни случки и успеси, и кога го прочитав ова, почнав да плачам. Не ми се веруваше дека конечно успеав „да оставам позади себе трага“, „за добро да ме зборат по добро да ме памтат“, како што вика ЛД Пистолеро во Било и Поминало. Не ми се веруваше, и еве, како сѐ уште да не ми се верува. Сѐ уште не знам како да изреагирам, дали пак да рипам од радост или да се стуткам во ќош и да плачам. Искрено сум преблагодарен што сум одбран, затоа што како да ми требаше ваква победа за да продолжам. Благодарност и до жирито, до луѓето што го поддржуваат проектот, до сите што во иднина ќе направат подобри решенија. Навивам за сите, искрено и со цело срце и душа.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни