Израел изврши ноќен воздушен удар врз Техеран, а главна цел бил Али Лариџани, еден од најмоќните луѓе во Иран по смртта на врховниот лидер Али Хамнеи. Според информации од израелски медиуми и воени извори, засега не е познато дали Лариџани е убиен, ранет или преживеал. Официјален Иран сè уште не се огласил за нападот.
Началникот на Генералштабот на израелската армија, Ејал Замир, индиректно ја потврди операцијата, изјавувајќи дека се постигнати „значајни резултати во елиминации“ кои може да влијаат врз текот на војната.
Лариџани важи за клучна фигура во иранскиот систем – поранешен претседател на парламентот, долгогодишен член на Корпусот на чувари на исламската револуција и шеф на Врховниот совет за национална безбедност. По смртта на Хамнеи, неговото влијание дополнително се зголемило.
По елиминацијата на врховниот лидер, на чело на државата формално застанал неговиот син Мојтаба Хамнеи, но според извори, тој е тешко ранет и не се појавува во јавноста. Во такви услови, Лариџани практично го водел функционирањето на државата и преговорите со Западот.
Во одвоен напад во центарот на Техеран, израелската војска соопшти дека е убиен Голамреза Солејмани, командант на милицијата Басидж – важен дел од внатрешниот безбедносен апарат.
Дополнително, напади биле извршени и врз објекти во Ком, каде што, според извештаи, се криеле високи членови на Исламски џихад.
Доколку се потврди смртта на Лариџани, тоа би значело дека Иран изгубил најмалку десетина високи функционери од воениот и безбедносниот врв од почетокот на конфликтот.
Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху изјави дека елиминацијата на клучните луѓе е дел од стратегијата за слабеење на режимот и отворање простор за внатрешни промени во Иран.
Ситуацијата останува нејасна и напната, а исходот од овој напад може значително да го промени текот на конфликтот во регионот.