Во пресрет на Денот на жената, од 5 до 8 март во Скопје Сити Мол ќе се одржи осмомартовски базар под слоганот „За таа што ти е сè“. Настанот ќе се одвива на приземјето на трговскиот центар и ќе обедини повеќе од 30 домашни креативци и мали брендови.
На базарот ќе учествуваат брендови и ракотворци од различни области – од накит и козметика до декоративни и гастрономски производи. Посетителите ќе имаат можност да избираат меѓу еклектичен и филигрански накит, рачно изработени парчиња од челик и кожа, керамика, дрвени сетови, производи од срма, епоксидна смола и полимерна глина.
Ќе бидат понудени и вегански козметички производи за нега на лице и тело, цветни аранжмани, свилени производи, декоративни органски сапуни, како и домашно подготвени колачи и чоколади. Дел од учесниците ќе се претстават и со чанти и кожни аксесоари изработени рачно.
Организаторите посочуваат дека настанот не е само продажен базар, туку платформа за промоција на локалната креативна сцена. Целта е да се поддржат домашните занаетчии и автори кои преку својата работа ја афирмираат вредноста на рачната изработка и автентичниот дизајн.
Базарот нуди можност за директна средба со авторите и запознавање со процесот на создавање на производите, како и избор на подарок со лична и емоционална вредност по повод 8 Март.
Осмомартовскиот базар ќе биде отворен за посетители од 5 до 8 март на приземјето на Скопје Сити Мол.