Трн: Со каков вид дискриманција се имаш соочено низ годините ?
Алмира: Доколку една жена треба 10 пати повеќе да се мачи за да биде еднаква со мажите, жената Ромка треба 100 пати повеќе да се мачи за да биде еднаква со останатите жени неРомки, но и со мажите. Истражувањата, но и личните сведочења на жените покажуваат со какви видови дискриминација се соочуваат жените, почнувајќи од нееднаквиот пристап и можноста за образование, вработување, начинот на облекување, правото да поседуваат имот, правото на еднаква плата за иста работа со мажите, правото за одбирање на професија, пристап до здравствена заштита и репродуктивните права, менструалната сиромаштија, семејното и родовото базирано насилство, фемицидот… Дискриминацијата и антициганизмот носат поголем јаз, неправда и отежнување на пристапот до права. Низ годините најмногу се имам соочено со дискриминацијата пред се, поради тоа што сум жена, Ромка, па така во многу наврати бев нарекувана убава, но не и интелигентна и силна, бев нарекувана премногу гласна, но не и гласот на беспомошните…
Трн: Неколку години си граѓански активист и се бориш за правата на жените од ромска националност, за што досега успеавте да е изборите, што успеавте да промените ?
Алмира: Во текот на моето работење им помагав на жените Ромки, но и на самата заедница да ги дознаат своите права од областа на социјалната и здравствената заштита, еднаков пристап до репродуктивните права, дискриминацијата и семејното и родовото базирано насилство. Тоа што е особено значајно е унапредувањето на пристапот до репродуктивните права. Сите бевме сведоци на тоа дека во општина Шуто Оризари во последните 10 години повеќе немаше, отколку што имаше гинеколог и тоа беше една од работите кои активистките на невладиниот сектор, вклучувајќи ме и мене, се изборија да го сменат. Така сега можеме да кажеме дека во оваа општина жените Ромки може да си го остварат своето право на примарна здравствена заштита. Во овој дел би сакала да спомнам дека невладината организација ХЕРА заедно со Младинскиот Центар „Сакам да знам“ во Шуто Оризари во сите овие години, а и сега, им нуди на сите жени бесплатни гинеколошки прегледи, бесплатна контрацепција, едукација и советување за репродуктивното здравје кое претставува важна алатка во унапредување на репродуктивното здравје на жените во оваа општина.
Трн: За која промена се залагаш ти ?
Алмира: Јас се залагам за еднаквоста, мислам дека на сите нас веќе ни е доста од огромните разлики што постојат. Се залагам за сите да имаат еднакви можности за образование, вработување, еднакви можности за пристап до здравствена заштита без дискриминација врз основ на пол и етничка припадност.
Трн: Во какво општество сакаш да живееш?
Алмира: Едно општество за сите на дело, а не само на хартија.
Трн: Каква е положбата на жената ромка во македонското општество ?
Алмира: Во минатото положбата на жената Ромка беше на нула, односно на раководни позиции немаше нити една Ромка. Сега можеме да се пофалиме дека сме на една, па така имаме една Ромка во Собрание, една Ромка директорка на болница, Ромки адвокатки, Ромки наставнички, новинарка, докторки, советничка на Претседателот, медицински сестри, една жена Ромка вработена тука и таму. Оваа бројка е важна бидејќи со труд и образование успеавме сега да пишуваме дека нѐ има. Но не смееме да ги заборавиме фрапантните бројки и проценти за сиромаштија, недоволниот степен на образование, вработување, смртност на родилките – Ромки, Ромки во репродуктивен период оставени во милост и немилост без матичен гинеколог. Во овој момент за жал мора да се каже дека положбата на жената Ромка во нашето општество е на многу ниско ниво и токму тоа е причината за која јас и многу други активистки секојдневно се бориме за рушење на овие бариери.
Трн: Како ти годеше номинацијата од европската делегација за Европска жена на годината?
Алмира: Номинацијата за Европска жена на годината е важна за мојата долгогодишна борба за еднаквост, за ХЕРА и сите невладини организации кои се борат за правата на ромската заедница. Оваа номинација е значајна и за препознавање на сите жени Ромки и тешкотиите со кои се соочуваат при пристап до права од областа на репродуктивното здравје, здравствените, социјалните права и дискриминацијата.
Трн: Каква треба да биде европската жена, кои вредности треба да ги пропагира, како треба да придонесе во светот во кој живееме?
Алмира: Силна, бестрашна, феминистка и поддржувачка на сите останати жени. Европската жена треба да ги почитува сите без разлика на различностите, бидејќи тие различности не прават уникатни на посебен начин.
Трн: Како координаторка на Младинскиот центар „Сакам да знам“ во Шуто Оризари со какви проблеми се справуваше, на какви стереотипи наидуваше, какви табуа разбиваше ?
Алмира: Невладината организација ХЕРА со години наназад со едукација и информирање полека ги руши и сузбива стереотипите и табуата во однос на репродуктивното здравје, заштитата и контрацепцијата. Така, ако до пред 10 години жените се срамеа да одат на прегледи и гинекологот го нарекуваа “женски доктор“, сега жените во Шуто Оризари се многу посвесни за потребата од редовни прегледи и без срам го нарекуваат гинеколог. Ова е само пример за стереотипите што преовладуваат меѓу Ромките, но далеку помалку од порано токму поради активизмот кој е исклучително важен за надминување и на табуата и на системските проблеми.
Трн: Како колешка, дипломирана новинарка, дали би работела како новинарка и дали сметаш дека има дискримација во таа фела?
Алмира: Новинарството ми е прва љубов и секако дека во иднина би можела да работам како новинарка, но се уште сметам дека борбата за еднаквост морам да ја водам од фронтот на невладиниот сектор. Во однос на дискриминацијата во новинарската фела, сведоци сме дека и тука е присутна во облик на нееднаков третман и мали плати.
Трн: Какви совети им давате на оние кои ви се обраќаат за помош?
Алмира: Нашиот Младински Центар секојдневно го посетуваат многу лица со најразлични проблеми. Ние за жал не можеме наеднаш да ги решиме сите, но тука сме да ги едуцираме и информираме, и да им помогнеме преку бесплатните услуги кои ги нудиме, а веќе се спомнати. Нашиот Центар е доста посетуван и од млади средношколци и студенти Роми кои имаат желба да бидат активни граѓани во нашето општество и кои сакаат да се едуцираат во областа на репродуктивното здравје и заштитата.
Трн: Каде се гледаш за 20 години од сега?
Алмира: На исто ниво со мажите и неРомите.
Трн: Која е твојата честитка за осми март ?
Алмира: Не може да биде среќен, ако сите останати 364 дена е несреќен. Затоа едуцирајте се, бидете силни, храбри, гласни, интелигентни и моќни!