Советникот за медиуми на претседателката на Косово, Виоса Османи, Беким Купина, денеска изјави дека по неуспехот во формирањето на новата Влада, претседателката ќе ги повика политичките партии на консултации за избор на нов мандатар.
„Претседателката Османи ќе ги повика политичките партии на консултации во рамките на уставниот рок и во согласност со уставните обврски“, изјави Купина.
Претседателката Османи има право да одлучи за друг мандатар за состав на новата Влада на Косово.
Таа може да му додели мандат на претставник на друга или било која партија која може да обезбеди 61 глас за избор на премиер, но исто така може да назначи и друг мандатар од Самоопределување.
Според досега достапните информации, ниту претставниците на Демократската партија на Косово, ниту Демократскиот сојуз на Косово нема да го прифатат мандатот за формирање влада. Затоа, единственото решение останува Османи да назначи нов мандатар од редовите на Самоопределување, иако е малку веројатно дека некој од таа партија ќе го прифати мандатот.
Доколку ниту вториот мандатар не може да обезбеди најмалку 61 глас, претседателката ќе ја распушти Собранието и ќе закаже нови вонредни избори кои треба да се одржат во рок од 40 дена од распуштањето на парламентот.
