Османи го одреди датумот: Вонредни избори на Косово закажани за 28 декември

Претседателката на Косово, Вјоса Османи, по распуштањето на Собранието, официјално ги закажа вонредните парламентарни избори за 28 декември, наведувајќи дека недостигот на политичка волја бил единствената причина за распуштањето.

Претседателката на Косово, Вјоса Османи, денеска објави дека ги закажала вонредните парламентарни избори за 28 декември, само неколку часа откако го потпиша декретот со кој официјално се распушта косовското Собрание.

Според Османи, ваквиот чекор бил неизбежен поради тоа што „немало политичка волја“ за продолжување на работата на парламентот, додавајќи дека распуштањето било „единствено решение“ по неуспехот да се избере нова влада.

„И датумите 21 и 28 декември беа во согласност со Уставот. Осум партии се изјаснија за 28 декември, пет за 21 декември, а три за кој било датум. Проценив дека 28 декември е единствено изводлив, иако претставува предизвик за ДИК“, изјави Османи.

Таа посочи дека 21 декември не е можен датум поради тесните рокови за организација на изборите, вклучувајќи ги завршувањето на локалните изборни процеси, жалбените постапки, уништувањето на стар изборен материјал и техничките подготовки за објава на резултати. Дополнително, според новиот изборен закон, дијаспората мора да има најмалку 15 дена за пријавување и регистрација за гласање.

Османи откри дека пред потпишувањето на декретот направила последен обид партиите да се вратат во Собранието за да го усвојат буџетот за 2026 година, како и пет меѓународни договори во вредност од околу една милијарда евра.

„Недостатокот на политичка волја, не содржината на договорите, беше пречката. Нивното неусвојување не ги казнува партиите — туку граѓаните“, посочи таа, додавајќи дека загубата на средства од ЕУ и Светска банка претставува удар врз кредибилитетот на Косово.

Во однос на шпекулациите дека таа наводно ги следи политичките желби на Албин Курти, Османи остро одговори дека таквите обвинувања се неосновани и „навредливи“.

„Такво прашање никогаш не би му поставиле на маж“, рече таа, нагласувајќи дека сите одлуки ги носела самостојно и во интерес на државата.

За потенцијалната кандидатура за втор претседателски мандат, Османи изјави дека со Курти воопшто не разговарале за тоа и дека такви одлуки ќе бидат можни дури по конституирањето на новиот состав на парламентот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни