Денес Скопје го одбележува 13 ноември – Денот на ослободувањето на градот, еден од најзначајните датуми во неговата историја. На овој ден, во 1944 година, единиците на Народноослободителната војска влегле во главниот град и ставиле крај на четиригодишната германска окупација. Денот се слави како симбол на отпорот, достоинството и жртвата на генерации кои го изградиле Скопје што го знаеме денес.
Борбите за ослободување на Скопје
Во текот на дводневните борби за ослободување на Скопје – на 12 и 13 ноември 1944 година – загинале 426 борци на Народноослободителната војска, од кои 418 мажи и 8 жени. Последните цивилни жртви се деветмина скопјани стрелани во близина на Камениот мост, од страна на германскиот окупатор кој веќе се повлекувал од градот. Нивните имиња се паметат како последните жртви пред ослободувањето на Скопје: Драган Јакимов, Дончо Андонов, Јордан Јакимов, Перо Јовановиќ, Пантелеј Давчев, Перо Червеников, Светислав Ѓуриќ, Фоки Владимиров и Христо Караџа.
Глас од борбата – сеќавањата на Трајко Стаматовски
„Слабиот снег што паѓаше тој 13 ноември само ни ја олеснуваше работата,“ ќе запише подоцна борецот Трајко Стаматовски, учесник во борбите за ослободувањето на Скопје. „Борците од дванаесеттата и третата бригада беа скоро сите скопјани – го знаеја градот како својот џеб. Секое ќоше можеа мижејќи да го изодат. Германците се извлекуваа кон Качаничката Клисура, кадешто ги чекаше во заседа шестата бригада. Кога стигнавме во Скопје, борбите веќе беа во полн ек. Дванаесеттата бригада се бореше за десниот брег на Вардар, хотелот ‘Македонија’, училиштето ‘Гоце Делчев’, Офицерскиот дом, Народна банка… Кај Старата железничка станица паднаа најтешките битки. Германците беа присилени да се предадат.“
Стаматовски, во неговите сеќавања за овој ден објавени во македонските медиуми, ги спомнува и борбите кај женската гимназија кај Владата, каде што се воделе битки за секој кат, за секоја училница. Според неговиот опис, во градот тогаш дејствувале околу дваесет диверзантски групи што им помагале на бригадите – пресекувале телефонски и телеграфски кабли, фаќале соработници на непријателот и ги блокирале неговите позиции. Еден од клучните моменти, вели Стаматовски, бил кога борците кај Камениот мост ги пресекле каблите со кои Германците планирале да го минираат мостот – стратешка точка што ги поврзувала двата брега на Вардар. „Непријателот беше стациониран во Офицерскиот дом и можеше сè да посматра, бидејќи цело Скопје му беше како на дланка. Голема битка се водеше кај Идадија, како и на Водно и Матка. Мачна борба ги чекаше борците. Но истрааја до крај,“ запишува Стаматовски.
81 години по тоа студено и снежно утро
Осумдесет и една година по тоа студено и снежно утро кога борците на Народноослободителната војска влегоа во градот, Скопје сè уште не може да се ослободи. Не може да се ослободи од нечистотијата на улиците. Не може да се ослободи од „брзите пари“ што ги носи разулавената урбанизација. Од неможноста да се сфати јавниот простор и јавниот интерес. Не може да се ослободи од синдромот на длабока провинција, која стои на периферијата на европските текови. Слава им на ослободителите на Скопје. Поставиле пример кој тешко – или воопшто – не можеме да го следиме.
