Илјадници луѓе денеска им оддадоа почит на жртвите на Холокаустот учествувајќи на традиционалниот Марш на живите на местото на поранешниот нацистички логор за истребување Аушвиц, во денешна Полска.
На настанот присуствуваа околу 80 преживеани од Шоа, хебрејскиот термин за геноцидот врз Евреите извршен од нацистичка Германија за време на Втората светска војна, како и израелски заложници ослободени од Појасот Газа.
Маршот, долг околу три километри, води од главниот логор во Аушвиц до вториот дел во Биркенау, поминувајќи низ портата со озлогласениот натпис „Arbeit macht frei“ (Работата ослободува). Почетокот на маршот беше означен со звукот на шофар, ритуален еврејски музички инструмент.
На комеморацијата, одржана на Денот на сеќавање на Холокаустот во Израел, присуствуваа израелскиот претседател Исак Херцог и неговиот полски колега Анджеј Дуда. Во делегацијата на Херцог беа и ослободените заложници, како и роднини на лица кои сè уште се држат во Газа по нивното заробување за време на терористичките напади на 7 октомври 2023 година, предводени од палестинската милитантна група Хамас, пренесува ДПА.
Ели Шараби, кој ги загуби сопругата, ќерките и братот во нападите на 7 октомври, изјави дека ужасите на Холокаустот никогаш нема да бидат заборавени или простени. „Секој претставник на делегацијата од 7 октомври што дојде овде е триумф на светлината за еврејскиот народ и потсетник дека еврејскиот народ ќе постои вечно“, додаде тој.
Претседателот Херцог потсети дека по Холокаустот било договорено такво нешто никогаш повеќе да не се случи. „Сепак, 59 од нашите браќа и сестри сè уште се држат од терористи-убијци во Газа, во ужасно злосторство против човештвото“, рече тој, повикувајќи ја меѓународната заедница за поддршка.
Нацистичка Германија уби повеќе од еден милион луѓе во Аушвиц, главно Евреи. Во текот на Холокаустот, вкупно околу шест милиони Евреи беа убиени низ Европа.