Нигериските власти го потврдија ослободувањето на преостанатите 130 ученици кои кон крајот на ноември беа киднапирани од католички интернат во сојузната држава Нигер. Сојузната влада ова најново ослободување го опиша како „момент на триумф и олеснување“ по една од најтешките масовни киднапирања во земјата, пишува BBC.
Потсетување: повеќе од 250 деца и членови на персоналот беа киднапирани од католичкото училиште Света Марија во Папири на 21 ноември. Откако претходно овој месец беа ослободени околу 100 деца, властите сега потврдија „спасување на преостанатите 130 деца и членови на персоналот“, нагласувајќи дека „ниеден ученик не останал во заробеништво“.
Претседателскиот портпарол Бајо Онануга во неделата изјави дека вкупниот број ослободени ученици сега изнесува 230. Со соопштението беа објавени и фотографии од насмеани деца, а нивното пристигнување во Мина, главниот град на сојузната држава Нигер, се очекува во текот на понеделникот.
Нејасни детали за ослободувањето
Засега не е официјално објавено на кој начин владата го обезбедила нивното ослободување, ниту дали е платен откуп. При претходното ослободување, гувернерот на соседната држава Насарава, Абдулахи Суле, изјави за локалните медиуми дека сојузната влада одиграла клучна улога, но дека активностите зад сцената не можат да се откријат од безбедносни причини.
Бран напади врз училишта и цркви
Ноемвриското киднапирање беше последниот во низата сè почести насочени напади врз училишта и верски објекти во северна и централна Нигерија. На нападот врз училиштето Света Марија му претходеа и други масовни киднапирања.
Само неколку дена претходно, на 18 ноември, две лица беа убиени, а 38 киднапирани во напад на Христовата апостолска црква во државата Квара. Ден порано, две лица беа убиени, а 25 ученички беа киднапирани од државно училиште во државата Кеби. Сите киднапирани во овие напади во меѓувреме беа ослободени.
Не е јасно кој стои зад киднапирањата, но повеќето аналитичари сметаат дека зад нив стојат криминални банди кои бараат откуп. Нигерискиот претседател Бола Ахмед Тинубу на 9 декември изјави дека неговата влада ќе продолжи да соработува со Нигер и други држави „со цел да ги обезбеди нашите училишта и да ја направи средината за учење побезбедна и поповолна за нашите најмлади“.