Оскарите ќе го напуштат својот долгогодишен дом во срцето на Холивуд и од 2029 година ќе се преселат на поцентрална локација во Лос Анџелес, истата година кога телевизискиот пренос на церемонијата ќе се пресели на YouTube.
Глобално следените Оскари отсега ќе се одржуваат во Peacock Theater, сала со поголем капацитет од нивниот сегашен дом, Dolby Theatre.
Сместен на Холивуд булеварот, Dolby Theatre, порано познат како Kodak Theatre, е домаќин на Оскарите од 2002 година, опкружен со Холивудската патека на славните.
Академијата за филмски уметности и науки соопшти дека преселбата е дел од повеќегодишно партнерство со AEG, сопственик на комплексот LA Live, каде што се одржуваат и наградите Еми и Греми.
„L.A. LIVE е изграден за да биде домаќин на моменти што ја дефинираат културата, а нема поголема глобална сцена од Оскарите“, изјави Тод Голдстин, директор за приходи во AEG.
Голдстин најави и дека ќе создадат амбиент кој „ја слави креативноста, ја почитува извонредноста и нуди незаборавно искуство за филмските фанови ширум светот“.
Преселбата, долга осум милји, односно околу 12 километри, до Peacock Theater, која ќе важи до 2039 година, ќе ја оддалечи церемонијата од иконскиот холивудски знак. Но, на некој начин, ова е и своевидно враќање дома за Оскарите.
Пред да се преселат во холивудската населба во Лос Анџелес, Оскарите со години се одржуваа на поцентрални локации, како Dorothy Chandler Pavilion и Shrine Auditorium.
„Возбудени сме што соработуваме со глобален гигант како AEG“, се наведува во заедничката изјава на извршниот директор на Академијата Бил Крамер и нејзината претседателка Линет Хауел Тејлор. „Нивното искуство во градење и управување со технолошки софистицирани сали за настани во живо е без конкуренција.“
Оваа преселба е најновиот дел од пошироките промени што се совпаѓаат и со заминувањето на преносот од американската телевизија кон стриминг.
Оскарите, кои половина век се емитуваа на ABC, од 2029 година ќе се пренесуваат во живо и бесплатно на YouTube.
До тогаш церемонијата ќе продолжи да се одржува во Dolby Theatre во Ovation Hollywood и да се емитува во живо на ABC, вклучително и јубилејната 100-та церемонија во 2028 година.