Неколку стотици книги во библиотеката на Одделението за египетски антиквитети во парискиот музеј Лувр се оштетени поради протекување вода во ноември, соопшти управата на оваа културна институција, пренесоа француските медиуми.
„Штетата засега опфаќа меѓу 300 и 400 книги. Во процес сме на изработка на комплетен инвентар“, изјави за француската онлајн телевизија BFMTV претставникот на музејот Франсис Стенбок, додавајќи дека е во тек сушење на секоја книга, страница по страница, со помош на впивлива хартија.
Тој додаде дека станува збор главно за археолошки списанија и значајни книги, но не и за особено вредни дела.
Цевката што го предизвикала протекувањето, а која требало да остане затворена, е дел од систем што мора целосно да се замени, истакна Стенбок.
Угледот на Лувр веќе беше нарушен во октомври со спектакуларната кражба што се случи среде ден, кога беше украден накит вреден околу 88 милиони евра.
Кражбата предизвика широка дебата во Франција за безбедносните пропусти во најпосетуваниот музеј во светот. Четири лица се уапсени во рамки на истрагата, но украдените предмети сè уште не се пронајдени.
