Оштетени стотици архивски дела во музејот Лувр, оттаму уверуват дека нема загуби

Музејот Лувр во Париз соопшти дека течењето на вода откриено кон крајот на ноември оштетило помеѓу 300 и 400 дела од неговиот Египетски оддел, само неколку недели по дрскиот грабеж на скапоцен накит што ги засили сомнежите за застарената инфраструктура на музејот.

Според заменик-администраторот на музејот, Франсис Стајнбок, оштетените материјали се „египтолошки списанија“ и „научна документација“ што ја користат истражувачите. Тие датираат од доцниот 19. и раниот 20. век, иако се „многу корисни“, не се уникатни и немаат статус на музејски артефакти.

„Ниту еден предмет од културното наследство не е засегнат,“ нагласи Стајнбок, додавајќи дека досега не се утврдени непоправливи загуби.

Протекувањето се случило на 26 ноември поради случајно отворање на вентил од системот за греење и вентилација, што дозволило водата да се прелее преку таванот на крилото Молиен, каде што биле складирани книгите и документите. Тој систем, кој музејот го опиша како „целосно застарен“, веќе бил исклучен неколку месеци и е планирано да биде заменет во септември 2026 година.

Музејот најави интерна истрага за инцидентот. Оштетените материјали ќе бидат сушени, испратени на реставрација кај книговезец и потоа вратени во архивата.

Настанот следи по октомврискиот грабеж, кога четиричлена група украде накит вреден околу 102 милиони долари за само седум минути, што отвори широка јавна расправа за безбедноста и инфраструктурната издржаност на најпосетуваниот музеј во светот.

Кон крајот на ноември, Лувр објави и дека ќе ги зголеми цените на билетите за повеќето посетители од земји надвор од ЕУ, меѓу кои Американци, Британци и кинески туристи. Новата цена ќе изнесува 32 евра, зголемување од 45%, со што музејот очекува да обезбеди дополнителни 23 милиони долари годишно за инфраструктурни подобрувања.

Лувр го посетиле 8,7 милиони луѓе во 2024 година, од кои 69% биле туристи од странство.

Извор: The Guardian

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни