Осасуна и навивачите донираа 450.000 евра за обновата на родниот град на тренерот Морено

Шпанскиот фудбалски прволигаш Осасуна донираше 450.755 евра за родното место на својот тренер Висенте Морено, кое властите го обновуваат по разорните поплави пред четири месеци.
Масанаса е гратче со 10.345 жители во провинцијата Валенсија и беше меѓу најтешко погодените од поплавите кои однесоа 224 животи во југоисточна Шпанија.

Тренерот Морено, кој седна на клупата на Осасуна ова лето, е роден во тој град пред 50 години.
Осасуна, клуб од северниот град Памплона, од ноември собра 9.490 донации од своите навивачи и поддржувачи и сè уште собира помош. Раководството на клубот во вторникот се сретна со претставници на Масанаса за заеднички да видат во кој дел од градот да ги инвестираат досега собраните 450.755 евра.

Одлучено е со парите да се реновира градскиот спортско-социјален комплекс, со мултифункционална сала, базени, отворен терен и театар.

„Клучно е да им донесеме радост на жителите на Масанаса, и да им покажеме на навивачите на Осасуна каде точно ќе се потрошат парите што ги донираа“, изјави претседателот на Осасуна, Луис Сабалза.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни