10 октомври – Ден на менталното здравје

Осаменоста и стравот од отфрање се најголемиот страв со кој се соочуваат младите во земјава

Најголемиот страв со кој се соочуваат 40% од младите е осаменоста, стравот од отфрлање (33%), изолација од пријателите (27%).Она што е алармантен податок е дека кога се чувствуваат тажно или вознемирено, само половина од младите разговараат со некого за своите чувства, а 36% немаат со кого да разговараат. Младите генерално се чувствуваат најбезбедно дома, а најмалку безбедно на интернет каде дигитално насилство доживеале 37% од младите.

Според Светската здравствена организација, нарушувањата на менталното здравје се широко
распространети во секоја земја. Во земјава се проценува дека секој четврти човек во
одреден период од животот ќе доживее проблем со менталното здравје. Младите луѓе се особено
ранливи на проблеми со менталното здравје поради предизвиците и притисоците со кои се соочуваатво овој период од нивниот живот.

Пандемијата КОВИД-19, исто така, ги истакна постојните нееднаквости и ранливости во системот за
ментално здравје во Северна Македонија. Пристапот до услугите за ментално здравје стана уште
поограничен поради пандемијата, со зголемена побарувачка за услуги и прекини во испораката на
услугите.

Според податоците на Националната стратегија за ментално здравје за млади 2024- 2026, од вкупниот број на млади, 14% изјавиле дека се соочуваат со здравствен проблем или попреченост, како развојни нарушувања, проблеми со ментално здравје, анксиозност и депресија.
„Младата популација опфатена со Студијата е на возраст од 15 до 29 години, и моментално ја сочинува една генерациски група, во светот позната како генерација М. Овие млади луѓе покрај тоа што се сведоци на динамичните промени и случувања на глобално ниво (рапиден развој на технологијата и широката примена на интернетот, климатски промени и елементарни непогоди, терористички напади и војни, економска криза), директно или индиректно беа дел и од турбулентните случувања на политички и општествен план во РСМ, особено во изминатиот период, како што се: политичката криза, случувања поврзани со негативните општествени појави во последните децении, студентските протести, Шарената револуција. Ваквите настани покрај тоа што влијаеја на демократските процеси во земјата, очигледно дека во различна мера извршија влијание и на одредени ставови на младите“ се вели во истражувањето.
Податоците покажале дека мајката е доминантната фигура на која 50% од младите многу често ѝ се обраќаат за поддршка, за разлика од таткото кој е на второ место, па дури потоа
следуваат пријателите. Државните институции, многу ретко се перцепирани како место на кое
младите се обраќаат за помош.

„Дури 64% од младите, во изминатиот месец имале несогласувања со своите родители, најмногу заради училиштето (34%), социјалните медиуми (17%), финансиите (15%), односите во семејството (12%). 40% од децата истакнуваат дека најчестата форма на соочување со родителите е разговорот, но сè уште се користат дисциплински методи како одземање на предмети, игнорирање, омаловажување па дури и шлаканици, што кореспондира со одговорите и на родителите. Она што е алармантно е дека само 4.8% од младите поминале онолку квалитетно време со своите родители колку што имале желба, додека 30% од младите воопшто не поминале квалитетно време со своите родители во текот на изминатиот месец. Податоците кои се добиени со прашалникот ни даваат комплетна слика за целната група, факторите на ризик, како и најчестите проблеми со кои се соочуваат овие млади“, се вели во Стратегијата.

Најголемиот страв со кој се соочуваат 40% од младите е осаменоста, стравот од отфрлање (33%),
изолација од пријателите (27%). Дополнително, еден од најчестите проблеми со кои се соочуваат овие млади е поврзан со здравјето и немањето на соодветна здравствена заштита (26%).

„Директните одговори на младите даваат уште појасна слика за перцепцијата за себе и како тие го доживуваат секојдневието. Предупредувачки индикатор е дека 15% од младите посакале да го напуштат местото каде што сега живеат од неколку причини како немање поддршка од родителите, изложеност на емоционално насилство, принудување на присилна работа и друго.
Дополнително, она што не интересираше во рамки на оваа анализа беше и квалитетот на живот и
грижата за себе. Она што е важно е дека голем дел од младите се чувствуваат сакано и здраво (68%). Но сепак, во рамки на просекот, има млади што се чувствуваат тажно, под стрес и нерасположено. Она што е алармантен податок е дека кога се чувствуваат тажно или вознемирено, само половина од младите разговараат со некого за своите чувства, а 36% немаат со кого да разговараат. Она што сепак е позитивен индикатор е дека младите генерално се чувствуваат безбедно, и тоа најбезбедно дома, а најмалку безбедно на интернет. Она што произлегува од дополнителните отворени прашања на кои одговараа младите како предизвик е следното: премногу за учење и немање слободно време за игра; недоволен превоз до училиште; потреба од дополнителна настава за одредени предмети во склоп на училиште, за заштеда на домашниот буџет во услови на криза; поголема поддршка за најранливите категории на млади итн.
Дополнително, податоците во оваа Анализа ни покажуваат дека: 89% од младите имаат пристап до Интернет. Вкупно 62% од младите се изложени на некои ризици на Интернет. Дигитално насилство доживеале 37% од младите. Вкупно 22% од младите виделе или слушнале дека нивните врсници страдаат од дигитално насилство.“ се вели во стратегијата.

Кога се соочуваат со дигитално насилство младите зборуваат со пријател (15%),разговараат со родителите (22%), зборуваат со возрасно лице од училиште (наставник, психолог, педагог, итн.) Се обидуваат да разговараат со личноста што извршила насилство (2%) или не прават ништо (4%). Дел, се обидуваат да вратат со истата мерка (3%)

Дури три од четири млади во изминатата година се соочиле со страв од неуспех (74%) и 60% со вознемиреност во социјални ситуации. Во скоро половина од младите, исто така биле забележани чувство на тага и празнина (48%) грижа за безбедноста на членовите на семејството (47%) страв да останат сами дома (39%).

Според податоците за ментално здравје, кои минатата година ги објави Регионалната канцеларија на СЗО за Европа и се дел од студијата „Однесување поврзано со здравјето кај деца на училишна возраст (ХБСЦ)“, се открива широко застапен и загрижувачки тренд низ Европа и Централна Азија: на пад во менталното здравје кај адолесцентните девојчиња.

„Сликата во Македонија не е далеку од овие состојби. И кај нас со возраста расте преваленцијата на млади од 11 до 15 години со нарушено ментално здравје, и тоа на повеќе индикатори на менталното здравје, со најголем пораст кај девојчињата на 15 години. Чести нерасположенија, речиси секојдневно, во последните шест месеци пријавиле дури 57% од девојчињата на 15 години во нашата земја, а од психосоматски тегоби истовремено повеќе пати неделно во последните шест месеци како: болки во стомакот, главоболки, вознемиреност, раздразливост, проблеми со спиењето и концентрацијата, страдаат 6 од 10 девојчиња на 15 години. Исто така, и задоволството од животот опаѓа со возраста од 11 до 15 години, кај девојчињата многу побрзо отколку кај момчињата. Трендот во последните осум години, низ три истражувачки циклуси од 2014 до 2022 година, ја покажува истата насока на меѓуродови и меѓувозрасни разлики, со високи сличности меѓу 2014 и 2022 година, токму на индикаторите на менталното здравје, што укажува на висока чувствителност на децата на општествените случувања и услови во кои живеат, независно дали се работи за социјална, политичка или здравствена криза и несигурност на заедницата“ се вели во извештајот на СЗО.

Анализирајќи ги податоците од Студијата ХБСЦ од 2021/22 година, вклучувајќи увиди од 280.000 млади луѓе од 44 држави, стануваат видливи комплексностите на менталното здравје кај младата популација во Македонија. Споредено со просекот од 28% од 15-годишните девојчиња кои известуваат чувства на осаменост, во Македонија таа бројка е 31%. Секое трето девојче на 15 години во Македонија изјавува дека е осамено, а секое второ девојче на истата возраст чувствува дека во изминатите 12 месеци се чувствувала толку тажно и безнадежно, речиси секој ден, во текот на две или повеќе недели, што прекинало да ги прави вообичаените активности.
Овие бројки не се само бројки. Тие се одраз на нашето општество, нашите училишта, нашите домови. За Македонија ова е повик за преземање акција, да разбереме подлабоко, да дејствуваме побрзо и да дадеме поголема поддршка, велат психолозите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Најново

Последни колумни