Светот се соочува со една од најсериозните геополитички и економски кризи во последните децении, откако затворањето на Ормускиот теснец отвори прашања за стабилноста на глобалната трговија, енергетската безбедност и идниот баланс на моќта.
Овој тесен морски премин, кој ги поврзува Персискиот Залив и Оманскиот Залив, претставува една од најважните артерии на светската економија. Низ него поминуваат околу 20 проценти од светските испораки на нафта и гас, но и клучни ресурси за индустријата, земјоделството и високата технологија. Неговото затворање веќе предизвикува сериозни потреси, од раст на цените на енергенсите до нарушување на синџирите на снабдување ширум светот.
Во центарот на кризата се наоѓаат Соединетите Американски Држави и Иран, чиј конфликт дополнително ескалира во последните недели. Реториката на Доналд Трамп, проследена со воени закани и рокови за деблокада на теснецот, ја зголеми неизвесноста, но според воени и безбедносни експерти, реалноста на теренот е далеку покомплексна.
Иако теоретски постои можност за воена интервенција, аналитичарите предупредуваат дека отворањето на теснецот не е едноставна операција. Географската поставеност игра клучна улога, Иран ја контролира северната страна на теснецот и има воспоставено силна одбранбена инфраструктура, вклучително ракети, дронови, морски мини и брзи напаѓачки бродови. Ова значи дека секој обид за пробивање би бил изложен на постојани закани.
Посебен предизвик претставуваат морските мини иако станува збор за релативно „стара“ технологија, денес тие се исклучително софистицирани и тешко детектибилни. Дури и сомнеж за нивно присуство може да ги оттурне комерцијалните бродови и осигурителните компании од користење на оваа рута, што ја прави ситуацијата уште покомплицирана.
Дополнително, воената придружба на бродови не значи и вистинско отворање на трговијата. За глобалниот пазар, клучен фактор е довербата, без гаранција за безбедност, транспортните компании нема да ризикуваат, без разлика на присуството на воени сили. Тоа значи дека дури и ограничен успех на САД не би бил доволен за нормализирање на економските текови.
Аналитичарите исто така посочуваат дека Американската морнарица нема доволно капацитети сама да спроведе долгорочна операција за обезбедување на теснецот. Таква мисија би барала широка меѓународна поддршка, но многу сојузници не покажуваат подготвеност да се вклучат во високоризичен конфликт, особено ако постои поевтина алтернатива, директни договори со Техеран за безбеден премин.
Во меѓувреме, постојат индикации дека некои земји веќе плаќаат „такси“ за да им биде дозволен премин низ теснецот, често во алтернативни валути како кинескиот јуан. Овој тренд може сериозно да ја поткопа доминацијата на американскиот долар и да го забрза создавањето на нов глобален економски поредок.
Секој обид за воена ескалација носи ризик од проширување на конфликтот. Операциите за расчистување на мини, заштита на бродови и напади врз ирански позиции би можеле брзо да прераснат во поширока војна, со сериозни последици по регионот и светот.
Клучниот проблем, според експертите, не е само како да се отвори теснецот, туку како да се одржи отворен на долг рок. Без стабилност и доверба, глобалната трговија нема да се врати во нормала, што значи дека економските последици ќе продолжат да се продлабочуваат.
Во вакви услови, изборот пред Вашингтон станува сè потежок, прифаќање на новата реалност во која Иран има поголемо влијание врз клучен светски премин, или ризик од длабока воена ескалација со непредвидлив исход. Едно е јасно: кризата околу Хормушкиот теснец повеќе не е само регионален проблем. Таа претставува тест за глобалниот поредок, економската стабилност и иднината на меѓународните односи.