Двонеделниот план за прекин на огнот меѓу Соединетите Американски Држави и Иран предвидува Иран и Оман да можат да наплаќаат такси од бродовите што минуваат низ Ормускиот Теснец, тесниот влез во Персискиот Залив, изјави денеска регионален претставник вклучен во преговорите.
Според неговите зборови, Иран планира собраните средства да ги искористи за обнова по конфликтот, но не е познато за кои цели Оман би ги насочил приходите од таксите, пренесе АП.
Ормускиот Теснец се наоѓа во територијалните води на Иран и Оман, но меѓународната заедница досега овој премин го сметаше за меѓународен пловен пат низ кој бродовите се движат слободно, без плаќање патарина.
Претставникот, кој бил директно вклучен во преговорите за примирјето, зборувал под услов да остане анонимен за да може да изнесе детали од внатрешните разговори.
Соединетите Американски Држави и Иран договорија условен двонеделен прекин на огнот и отворање на Ормускиот Теснец, но и покрај тоа судирите на Блискиот Исток не стивнуваат. Сепак, додека Вашингтон и Техеран најавуваат почеток на процес на стабилизација и потенцијално „златно доба“ за регионот, израелските сили продолжуваат со нападите во Либан и, според наводите на медиумите, и врз Иран, доведувајќи ја во прашање одржливоста на постигнатиот договор. Во меѓувреме, Обединетите нации ги повикуваат сите страни да го искористат примирјето како чекор кон траен мир.