Моџтаба Хамнеи испрати жестока порака: Ормускиот теснец останува затворен, американските бази се следна цел

Во првото обраќање, Моџтаба Хамнеи порача дека затворањето на Ормускиот теснец е средство за притисок врз САД и Израел и предупреди на можни напади врз американските бази во регионот.

Во првата јавна порака по преземањето на функцијата врховен лидер на Иран, Моџтаба Хамнеи порача дека Ормускиот теснец ќе остане затворен, нагласувајќи дека тоа е средство за притисок врз САД и Израел.

Изјавата била прочитана на иранската државна телевизија, каде што новиот лидер предупредил дека американските воени бази во регионот мора веднаш да се затворат, во спротивно би можеле да станат цел на напади.

Хамнеи нагласил дека Иран не ги смета соседните земји за непријатели и дека целта на Техеран се исклучиво странските воени бази во регионот.

„Испративме порака до лидерите во регионот дека сакаме добри односи со соседните земји. Но присуството на американски бази во некои од тие земји и нивното користење за напади врз Иран не придонесува за стабилноста на регионот и тие мора да бидат затворени“, порача тој.

Во обраќањето, Хамнеи им се заблагодарил на иранските граѓани кои, како што рече, „му се спротивставиле на непријателот“ и изразил сочувство до семејствата на жртвите во војната.

„Злосторствата против човештвото и против децата нема да бидат игнорирани“, се наведува во пораката.

Тој исто така повика на национално единство, нагласувајќи дека Иран мора да остане обединет во услови на зголемени тензии.

Во меѓувреме, полуофицијалната иранска новинска агенција Фарс објави дека Револуционерната гарда е одговорна за напад врз американски брод во северниот дел од Персискиот Залив. Според агенцијата, биле погодени два танкера – еден американски и еден грчки.

Фарс наведува дека бродот не ги послушал предупредувањата издадени од иранската Револуционерна гарда пред нападот.

Затворањето на Ормускиот теснец претставува сериозна закана за глобалниот енергетски пазар, бидејќи преку овој морски премин минува значителен дел од светската трговија со нафта.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни