Ормускиот теснец цел на нови напади и речиси блокиран

Тензиите во Ормускиот теснец растат откако Иран соопшти дека нападнал танкер во близина на Ормускиот теснец, додека бродскиот сообраќај низ клучната нафтена рута е драстично намален.

Иран негира дека целосно го блокирал Ормускиот теснец, една од најважните глобални рути за транспорт на нафта и енергенси.

Портпаролот на иранските вооружени сили, Аболфазл Шекарчи, изјави на државната телевизија дека теснецот не е затворен, но нагласи дека американските и израелските бродови немаат дозвола да поминуваат.

„Сите бродови имаат дозвола да поминат, освен американските и израелските. Тие немаат работа таму“, изјави Шекарчи.

Сепак, тој призна дека во време на војна е невозможно да се гарантира целосна безбедност за сите бродови што минуваат низ теснецот.

Американски воени аналитичари, пак, тврдат дека сообраќајот низ Ормускиот теснец е драматично намален – дури за околу 90 проценти. Според нив, Иран ќе продолжи да се обидува да го попречува транспортот низ преминот додека тоа му го дозволуваат воените капацитети.

Ормускиот теснец претставува една од најкритичните точки за светската трговија со енергенси. Тој е единствената морска врска меѓу Персискиот Залив и отворените океани, а низ него секојдневно минува значителен дел од глобалниот извоз на нафта.

Покрај Иран, покрај Персискиот Залив се наоѓаат и некои од најголемите светски производители на енергија, меѓу кои Саудиска Арабија, Ирак, Кувајт, Катар, Бахреин и Обединетите Арапски Емирати.

Во меѓувреме, иранската Револуционерна гарда соопшти дека со дрон нападнала танкер што пловел под малтешко знаме во близина на теснецот. Според нивното тврдење, танкерот „Прима“ бил погоден откако ги игнорирал предупредувањата на иранската морнарица за опасноста од пловидба низ регионот.

Според податоците на Marine Traffic, „Прима“ е танкер за транспорт на нафта и хемикалии кој плови под знамето на Малта.

Ескалацијата на инцидентите во Ормускиот теснец дополнително ги зголемува стравувањата од нарушување на глобалното снабдување со енергија и нов раст на цените на нафтата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни