Орхидејата одамна важи за едно од најегзотичните растенија што можат да се одгледуваат во домот. Нежна, елегантна и софистицирана, таа бара повеќе внимание од обичните саксиски цветови, но со вистинските услови таа повторно ќе расцвета и ќе ја врати својата целосна убавина. Многумина ја сметаат за „чувствителна“, а вистината е дека само неколку едноставни правила може да направат огромна разлика во нејзиниот раст и цветање.
При избор на орхидеја, најдобро е да се одлучите за растение што веќе има цветови, зашто така веднаш можете да ја почувствувате нејзината убавина и да бидете сигурни дека е здрава. Но пред купување, секогаш проверете дали растението има детални инструкции за одржување. Постојат различни видови орхидеи, а секој тип има посебни барања, па важно е да ги знаете точните услови што му се потребни на вашиот цвет.
Најчестата дилема е полевањето. Иако секој вид има свои специфики, генерално правило е дека повторно се полева само кога супстратот целосно ќе се исуши. Орхидеите не поднесуваат претерана влага, затоа од суштинско значење е саксијата добро да ја пропушта водата, додека во долниот слој задржува минимална количина што е доволна за коренот.
Потхранувањето е уште една важна рутина. Орхидеи најдобро реагираат на лесна, но редовна прихрана – приближно двапати месечно. Сепак, треба да се внимава: подобро е да ја изоставите прихраната отколку да претерате, бидејќи премногу хранливи материи може да ѝ наштетат.
Кога орхидејата ќе расцвета, нејзините цветови можат да останат и со месеци. Новото цветање обично доаѓа по паузата – откако ќе паднат старите цветови. Најчеста причина за нецветање е недостатокот на светлина, па ако подолго време не забележувате нови пупки, преместете ја на посветло место.
Орхидејата е нежна, но благодарна. Доколку ѝ ги обезбедите вистинските услови, ќе ви ја врати целата грижа со раскошен цвет што во домот носи мир, нежност и суптилна елеганција.
