Гледањето оригинални уметнички дела во галериски простор може значително да го намали стресот и воспалителните процеси во организмот, покажува ново истражување кое ги анализирало физиолошките реакции на посетители изложени на ремек-дела од светската уметност.
Според студијата, лицата кои во галерија гледале оригинални дела од автори како Едуар Мане и Винсент ван Гог забележале непосредни позитивни промени во имунолошкиот систем, нивото на стрес-хормони и активноста на автономниот нервен систем. Истражувањето го спровел тим од King’s College London, а резултатите претставуваат прв обид ваквите ефекти да се измери со медицински параметри.
„Овие наоди нудат силен доказ дека посетата на галерија не е само културно, туку и здравствено корисно искуство. Уметноста не нè допира само емоционално – таа го смирува и телото“, изјавил водечкиот автор на студијата, истражувачот Тони Вудс.
Во експериментот учествувале 50 здрави возрасни лица на возраст од 18 до 40 години, поделени во две групи. Едната група гледала оригинални уметнички дела во лондонска галерија, додека другата гледала репродукции од истите дела во лабораториски услови.
За време на сесиите, кои траеле околу 20 минути, учесниците носеле медицински сензори кои ја следеле срцевата работа, варијабилноста на срцевиот ритам и температурата на кожата. Истовремено, преку примероци од плунка биле мерени нивата на кортизол, главниот хормон на стрес и на цитокини, протеини поврзани со воспалителните процеси.
Резултатите покажале дека кај лицата кои ги гледале оригиналните дела, нивото на кортизол се намалило во просек за 22 проценти, наспроти само 8 проценти кај групата која гледала репродукции. Истовремено, воспалителните маркери IL-6 и TNF-α биле намалени за околу 30 проценти.
Истражувачите посочуваат дека ваквите хормонални и имунолошки показатели се директно поврзани со ризикот од срцеви заболувања, дијабетес, анксиозност и депресија. „Фактот што оригиналната уметност ги намалува овие маркери сугерира дека културните искуства можат да играат реална улога во заштитата и на менталното и на физичкото здравје“, вели Вудс.
Учесниците кои биле во галерија покажале и поголема варијабилност на срцевиот ритам и благо намалување на температурата на кожата – реакции кои укажуваат на емоционална ангажираност и длабоко доживување на уметноста. Овие ефекти не биле забележани кај групата која гледала копии.
Меѓу делата што биле вклучени во истражувањето се наоѓале слики од Анри де Тулуз-Лотрек, Пол Гоген и Ван Гог, изложени во Courtauld Gallery во Лондон.
Иако студијата сè уште не е рецензирана од научна заедница, таа е поддржана од Psychiatry Research Trust и британската уметничка организација Art Fund. Од Art Fund изјавија дека се надеваат резултатите ќе поттикнат повеќе луѓе да ги посетуваат музеите и галериите, не само од културни, туку и од здравствени причини.
