Турскиот писател и лауреат на Нобеловата награда за литература, Орхан Памук, предупреди дека затворањето на градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, означува „колапс на она што е преостанато од демократијата во Турција”.
„Од апсењето на градоначалникот на Истанбул, Екрем Имамоглу, главниот политички ривал на турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, по јасно измислени обвиненија за корупција и тероризам, плоштадот Таксим, најголемото туристичко место и центар на политичките протести, лежи празен, ограден со полиција. За моите 50 години живот во Истанбул, никогаш не сум видел толку многу таканаречени безбедносни мерки на улиците како во последните неколку дена“, пишува Памук во текстот за Гардијан.
Метро-станицата на плоштадот и многу други најпрометни станици во градот се затворени, додава тој.
„Регионалната влада го ограничи пристапот до Истанбул за автомобили и меѓуградски автобуси. Полицијата ги проверува сите возила кои пристигнуваат во градот, а сите за кои се сомневаат дека патуваат во градот на протести се враќаат. Тука и низ целата земја, телевизорите се постојано вклучени за луѓето да можат да ги следат најновите вознемирувачки политички случувања. Изминатата недела, канцеларијата на гувернерот на Истанбул забрани јавни протести и политички демонстрации – права кои се загарантирани со Уставот. Сепак, спонтани неовластени протести и судири со полицијата продолжуваат без прекин, иако пристапот до интернет е ограничен со цел да се спречат собирања. Полицијата безмилосно користи солзавец и уапсила безброј луѓе“, наведува писателот.
Тој се прашува – како овие нечуени работи можат да се случат во земја членка на НАТО која се бори за членство во ЕУ?
„Додека светот е зафатен со Доналд Трамп, војните помеѓу Палестина и Израел, Украина и Русија, она што малку преостанува од турската демократија сега се бори за живот“, порача Памук.
„Затворањето на главниот ривал на претседателот, политичар способен да добие масовна поддршка, ја доведува Ердогановата цврстата, автократска влада на ниво кое не сме го виделе досега. Апсењето на Имамоглу следеше само неколку дена пред да се очекува да биде официјално предложен за кандидат за претседател од главната опозициска партија во Турција за време на претседателските избори. Луѓето, за или против владата, сега се повеќе или помалку се согласуваат за едно нешто: Ердоган го гледа Имамоглу како политичка закана и сака да се ослободи од него“, напишал Памук.
Тој потсетува и дека Имамоглу освоил повеќе гласови од партијата на Ердоган, Партијата на правдата и развојот, на последните три избори за градоначалник на Истанбул.
„Кога Имамоглу победи кандидатот на партијата на Ердоган на изборите во април 2019 година, Ердоган го поништ резултатот, наведувајќи технички неправилности. Изборите биле повторени два месеца подоцна. Имамоглу повторно победил. Што повеќе, ја зголемил својата маржа. Во наредниот круг на локални избори во 2024 година, по пет години на функцијата, Имамоглу повторно го победил кандидатот на партијата на Ердоган и трети пат бил избран за градоначалник на Истанбул. Изборниот резултат на Имамоглу и неговата растечка популарност го направиле главен опозициски кандидат кој може успешно да го предизвика Ердоган на следните претседателски избори“, потсетува Памук.
Другата страна на сè, додава тој, е што изгледа дека Ердоган го користи истиот прирачник за својот противник како оној кој бил користен за него пред 27 години.
„Ердоган во 1998 година беше избран за градоначалник на Истанбул и популарна личност. Секуларниот и воениот етаблишмент го сметал неговиот ‘бренд’ на политички ислам за опасен. Тој исто така бил затворен и обвинет (во неговиот случај било за поттикнување на верска омраза поради рецитирање политичка песна на митинг). Ердоган бил симнат од местото градоначалник и поминал четири месеци во затвор. Но, неговото затворање и непоколебливото одбивање да соработува со етаблишментот и да се покори на репресивните барања на војската, му помогнало понатаму да го зголеми својот политички профил. Како што некои коментатори забележале, затворањето на Имамоглу, кој ги негирал обвиненијата и исто така ветувал дека нема да се ‘поклони’, всушност може да има исти неочекувани резултати. Тоа лесно може да му помогне на градоначалникот да стане уште популарен“, оценува писателот.
Но, ситуацијата не е истата.
„Имамоглу се соочува со намерен и решителен обид да го отстранат од трката. Денот пред полицијата да биде испратена во домот на Имамоглу, про-Ердогановата преса и ректорот на Универзитетот во Истанбул, кој го именувал Ердоган, ја прогласија дипломата на Имамоглу за неважечка, наведувајќи наводни неправилности во неговото премествување од приватен универзитет. Бидејќи во Турција за претседател може да се кандидираат само дипломирани студенти, тоа ќе го дисквалификува Имамоглу, кој рекол дека планира да ја оспори таа одлука. Следеле обвиненија за корупција и тероризам“, вели Памук.
Етикетирањето на политичките противници како терористи е тенденција што владата на Ердоган ја стекнала по неуспешниот воен удар во 2016 година, кога фракција на турските вооружени сили се обиде да ја преземе властта, потсетува Памук.
„Во 2019 година, кога австрискиот писател Петер Хандке, кој бил критикуван за поддршка на починатиот српски лидер Слободан Милошевиќ, ја доби Нобеловата награда за литература, Ердоган остро се спротивставил на таа одлука. Фатен неподготвен и без телепромптер, изјавил дека истата награда ја добиле и ‘терористите од Турција’, очигледно во врска со мојата Нобелова награда од 2006 година. Требало да се вратам од Њујорк во Истанбул тој ден и токму се подготвував да го откажам тоа враќање, кога портпаролот на Ердоган објавил дека претседателот не мислел на мене“, напишал Памук.
Судот што го води Ердоган сега го затворил Имамоглу за обвинение за корупција, но не подигнал обвиненија за „тероризам“, додава тој.
„Таквото обвинение ќе му овозможеше на претседателот Ердоган да го постави својот омилен кандидат на место градоначалник на Истанбул – позиција која неговата партија не успеала да ја освои на три последователни избори – и затоа, некои се плашат, може да ја пренасочи дел од бескрајниот ток на градските даночни приходи кон јавноста и пропагандните активности за својата партија. Со затворањето на Имамоглу, Ердоган не само што го отстранува популарниот политички ривал, туку и се обидува да го врати богатството на ресурсите во Истанбул, кои не можел да ги допре седум години. Ако успее, на следните претседателски избори ќе има само Ердоган и лицата на неговите кандидати залепени на градските ѕидови и осветлени билборди на општините“, предочува Орхан Памук.
Тоа, според него, не е изненадување за секого што внимателно ја следи турската политика.
„Во последната деценија, Турција не била вистинска демократија – само изборна демократија, таа во која можете да гласате за својот кандидат, но немате слобода на говор или мислење. Навистина, турската држава се обидела да го принуди својот народ на униформност. Никој дури не зборува за бројните новинари и државни службеници кои беа произволно затворени во последните денови, било во обид да се додаде тежина и кредибилитет на обвиненијата за корупција против Имамоглу или под претпоставка дека никој нема да обрнува внимание на сè останато што се случува. Сега, со апсењето на најпопуларниот политичар во земјата – кандидат кој би освоил мнозински гласови на следниот круг на националните избори – дури и овој ограничен вид демократија се приближува до својот крај. Ова е неприфатливо и вознемирувачки, и затоа сè повеќе луѓе се придружуваат на најновите протести. Засега никој не може да предвиди што ќе се случи понатаму“, заклучил Памук.