Горан Балески, претседател на „ПРВА ОРГАНСКА ЗАДРУГА – Валандово“ верува дека органското производство не е само метод на одгледување, туку начин на живот.
„За да успееш во органското производство, потребно е да се соживееш со тој процес,“ вели Балески, истакнувајќи дека и покрај предизвиците, оваа гранка нуди големи можности. „Главните предизвици се информирањето на купувачите и подобрувањето на поддршката од државата, преку субвенции и програми за рурален развој.“
Балески додава дека трендовите за органско производство растат, особено со можностите за извоз на македонските органски производи. Според него, едукацијата на младите земјоделци и поддршката за нив се клучни за успех.
„На младите треба да им се даде кураж да започнат, да се угледуваат на добрите примери,“ нагласува тој. „Иако поддршката од државата никогаш нема да биде доволна, важно е да се работи повеќе на мотивација и едукација.“
Органското производство во Македонија има потенцијал да стане клучен двигател на руралниот развој, но за тоа е потребно вложување во младиот кадар, иновации и одржливи практики.