Организаторите се извинија за симболиката со „Тајната вечера“ на отворањето на ЛОИ

Фото: X/@Olympics

Организаторите на Олимписките игри во Париз се извинија за перформанс од церемонијата за отворање на Летните олимписки игри во кој била користена инспирација од „Тајната вечера“ на Леонардо да Винчи, откако имаше реакции кај дел од јавноста.

Како дел од перформансот имаше маса на која седеше жена со круна, слична на ореол во улогата на Исус и геј икони и драг кралици како апостоли. Трпезата беше растурена од човек облечен во сино со наметка од овошје кој го симболизираше Дионис, грчкиот бог на плодноста, виното и веселбата.

Црковни лидери и некои конзервативни политичари го осудија овој перформанс и рекоа дека бил навредувачки за сите христијани низ светот.

Организаторите вчера се извинија доколку некој се почувствувал навреден со некој од перформансите на церемонијата за отворањето.

„Јасно е дека никогаш немало намера да се покаже непочитување кон која било религиозна група. Ако некој се почувствувал навредено, тогаш ние навистина се извинуваме“ рече Ен Декамп, портпаролка на ЛОИ.

Во текот на церемонијата за отворање на ЛОИ на официјалниот профил на Олимписките игри на X беше споделена фотографија од синиот човек со натпис „ Толкувањето на грчкиот бог Дионис нè прави свесни за апсурдноста на насилството меѓу луѓето“.

Тогаш не беше спомната „Тајната вечера“, а некои објави на социјалните мрежи сугерираа дека перформансот прикажувал забава на Дионис.

„Идејата беше да имаме голема паганска забава поврзана со Олимписките богови“ изјави кореографот на церемонијата за отворање Томас Џоли и додаде дека во неговата работа не може да се најде омоловажување или изразување непочит кон никого.

Сепак, во неделата организаторите признаа дека Џоли зел инспирација од познатата слика на Леонардо да Винчи за да ја креира сцената.

„Џоли не е првиот артист кој зел инспирација од ова светски познато дело. Од Енди Ворхол до Симпсонови, многумина го сториле тоа пред него“ рекоа организаторите.

Извор: Washington Post

Најново

Последни колумни