Унгарскиот премиер Виктор Орбан повторно побара Европската Унија веднаш да ги укине санкциите за руските енергенси, тврдејќи дека тоа е неопходно за да се избегне нов удар врз европската енергетска стабилност. Својот став го објави преку видео на Фејсбук, каде што наведе дека за ова прашање разговарал и со словачкиот премиер Роберт Фицо.
Орбан порача дека Брисел треба да изврши притисок врз Украина за повторно отворање на нафтоводот „Дружба“, преку кој руската нафта стигнува до Унгарија и Словачка. Будимпешта и Братислава со недели ја обвинуваат Украина дека го одолговлекува санирањето на оштетениот дел од нафтоводот, иако Киев тоа го негира и тврди дека штетата е последица на руски напад и бара време за поправка.
Повикот на Орбан доаѓа во чувствителен момент, во самата завршница на кампањата за парламентарните избори во Унгарија закажани за 12 април. Прашањето за руската енергија и цените на горивата повторно стана дел од неговата политичка агенда, особено во услови кога цените на енергенсите растат поради пошироката нестабилност на Блискиот Исток.
Сличен став денес изнесе и Фицо, кој исто така повика Европската Унија да ги укине санкциите за руската нафта и гас, со образложение дека европската енергетска безбедност не може да се гради без пофлексибилен пристап кон снабдувањето. Тоа покажува дека Будимпешта и Братислава и натаму настапуваат координирано кога станува збор за енергетските врски со Москва.