Ако се суди според анкетите, изгледа дека во Унгарија по прв пат од 2010 година може да дојде до промена на власта. Владеачкиот Виктор Орбан на изборите одржани во недела се соочи со Петер Маѓар кој има реални шанси да ја преземе власта.
Анкетите му даваат огромна предност на Маѓар
Тиса ужива поддршка од 52 отсто меѓу одлучените гласачи, додека Фидес го поддржуваат 39 отсто, покажуваат резултатите на анкетата на институтот Публикус. Врз основа на анализа на петте најнови анкети на Медиан, се предвидува дека Тиса ќе освои помеѓу 138 и 142 мандати во парламентот со 199 места, наспроти 49 до 55 мандати за Фидес. Според тие проекции, Маѓар е на пат да освои двотретинско парламентарно мнозинство, доволно за промена на уставот.
Сепак, провладиниот институт Нѓзопонт проектира дека Фидес може да ја задржи власта освојувајќи 66 од 106 изборни единици. Политичкиот аналитичар Габор Терок уште во јануари предупреди дека разликите меѓу истражувањата на провладини и независни институти се „необјасниви со која било истражувачка методологија.”
Иако анкетите и даваат предност на опозицијата, голем број неодлучни гласачи и сложеноста на мешаниот изборен систем значат дека Орбановиот Фидес може да ја задржи власта дури и без мнозинство гласови, особено во случај на тесен резултат.
Сè полоша економска слика
Зад потенцијалниот пад на Виктор Орбан стои сè полошата економска реалност. Унгарската економија падна за 0,8 отсто во 2023 година, а во 2024 и 2025 растеше просечно само 0,5 отсто, побавно од просекот на ЕУ, со буџетски дефицит од околу 5 отсто, што значително ја надминува целта на ЕУ од 3 отсто.
Според податоците на Евростат за 2024 година, Унгарија се нашла на дното на Европската унија по реалната индивидуална потрошувачка по глава на жител, само 72 отсто од просекот на ЕУ. Дополнителен притисок претставува и блокирањето на значаен дел од европските фондови поради спорови со ЕУ, што ги ограничува инвестициите и го забавува закрепнувањето.
Најкорумпирана земја во ЕУ
Покрај економските проблеми, дел од аналитичарите предупредуваат и на подлабока општествена ерозија која се развивала со години. Станува збор за постепено слабеење на институциите, намалување на медиумските слободи и сè поизразена концентрација на моќ. Според извештаите на Транспаренси Интернешнал, Унгарија е најкорумпираната држава во Европската унија.
Орбановата надворешна политика, која вклучува блиски односи со Русија и честото блокирање на заеднички европски одлуки поврзани со војната во Украина, предизвикува сè поголеми тензии во рамките на ЕУ.
Орбан го поместува фокусот
Во таква ситуација, Виктор Орбан настојува фокусот да го пренасочи од економските проблеми и обвинувањата за корупција кон темите на безбедност и идентитет. Неговата реторика во голема мера се потпира на пораката за стабилност, тврдејќи дека изборот е помеѓу „војна или мир”, односно дека неговите противници ќе ја вовлечат земјата во конфликтот во Украина.
Унгарските гласачи биле затрупани со Орбанови писма во кои ги повикува да ја пополнат „националната петиција” со која ја одбиваат финансиската помош на ЕУ за Украина. Фидес поставил и џамбо-плакати низ целата земја на кои е прикажан послушниот Маѓар кој вели „да” додека претседателката на ЕК Урсула фон дер Лајен бара „Пари за Украина”, а украинскиот претседател Зеленски ,оружје.
Кој е Петер Маѓар?
Маѓар привлекува гласачи разочарани од економската стагнација, кризата на животниот стандард и корупцијата. Станува збор за 45-годишен адвокат кој донодамна беше дел од Орбановиот систем — работел на позиции поврзани со државни институции и бил близок до владеачките структури. Во јавноста беше најпрепознатлив како сопруг на Орбановата министерка за правда Јудит Варга.
Пошироко внимание привлекол дури на почетокот на 2024 година, среде скандалот за претседателско помилување во случај на прикривање педофилија, поради кој неговата поранешна сопруга Варга поднела оставка. Маѓар тогаш објавил тајно снимен разговор во кој Варга потврдува дека соработници од врвот на власта интервенирале во тужителски списи во друг голем корупциски скандал. Со тој драматичен раскин со елитата го покренал своето метеорско издигнување.
„Невројатно брзо изградил опозициски движење. Никогаш, во посттранзициска Унгарија, не сме виделе партија која се издига толку брзо”, изјавил за Гардијан Габор Ѓори од Policy Solutions.
Ветувања — и ограничувања
Маѓар се обврзал да укине многу од најпроблематичните делови на Орбановата програма: да го врати демократскиот систем на контрола и рамнотежа, да ги поправи односите со ЕУ и да ги одблокира замрзнатите фондови. Еден од првите чекори би можело да биде и приклучување на Унгарија кон Канцеларијата на европскиот јавен обвинител. Исто така ветил и крај на зависноста од руска енергија до 2035 година.
Но кога станува збор за миграциите, завел построг став и од Орбан, најавувајќи укинување на системот за увоз на странска работна сила. Во однос на Украина, би ја продолжил политиката на противење кон испраќање оружје и забрзано членство на Киев во ЕУ.
Аналитичарот Божо Ковачевиќ за Index истакнува дека не забележал значајни разлики помеѓу Маѓар и Орбан кога станува збор за политиката кон Украина или миграциите. „Орбан и Маѓар доаѓаат од исто идеолошко семејство и имаат сличен политички background. Јасно е дека Маѓар, како отпадник од Фидес, ја критизира Орбановата автократска власт и раширената корупција, но останува отворено прашање — како ги дефинира унгарските национални интереси”, вели Ковачевиќ.
„Победата на Маѓар е добредојдена”
И покрај сите отворени прашања, Ковачевиќ смета дека Маѓар може да победи.
„Сите анкети сугерираат дека Орбан може да ги изгуби изборите, а се чини дека ангажманот на Доналд Трамп и Џеј Ди Венс повеќе му наштети отколку помогна. Мислам дека победата на опозицијата е добредојдена — Орбан навистина го загрозувал функционирањето на демократските институции. Победата сама по себе покажува дека институциите не се целосно парализирани. А на кој начин ќе ги користи новиот премиер — тоа сè уште не знаеме со сигурност.”
Унгарија гласа Резултатите следуваат.