Орбан и Фицо ја блокираат помошта за Украина, ЕУ подготвува план Б вреден 30 милијарди евра

Унгарија и Словачка го кочат заемот од 90 милијарди евра за Украина, но ЕУ подготвува алтернативен план. Дел од земјите би можеле директно да му позајмат 30 милијарди евра на Киев

Украина би можела да добие финансиска помош од Европската Унија за финансирање на својата одбрана дури и ако Унгарија и Словачка продолжат да го блокираат заемот од 90 милијарди евра, потврдија за Политико двајца дипломати на ЕУ.

Лидерите на Европската Унија следната недела ќе се состанат на самит во Брисел, каде ќе се обидат да ги убедат унгарскиот премиер Виктор Орбан и словачкиот премиер Роберт Фицо да го одобрат заемот што треба да обезбеди околу две третини од средствата потребни Украина да ја продолжи одбраната од руската инвазија до крајот на 2027 година.

План Б

Доколку Орбан и Фицо не попуштат, балтичките и нордиските земји подготвуваат алтернативен план со кој Украина би добила доволно средства за функционирање во првата половина од годинава.

Според изворите од ЕУ, се разгледува пакет од околу 30 милијарди евра. Бидејќи станува збор за билатерални заеми, тие не би барале одобрување од сите земји членки на Унијата.

Во меѓувреме, холандскиот министер за финансии Елко Хејнен ги информирал колегите дека неговата влада обезбедила средства за годишна билатерална помош од 3,5 милијарди евра за Киев до 2029 година.

Проблемите со Унгарија

Будимпешта, како и секоја друга престолнина во ЕУ, може да го блокира заемот од 90 милијарди евра иако претходно се согласила со него во декември. Причината е што еден од законите неопходни за исплата на средствата бара едногласна поддршка од сите земји членки.

„Ова не е првпат да се соочуваме со вакви тешкотии со Унгарија“, изјави еврокомесарот за економија Валдис Домбровскис. „Тој заем ќе биде исплатен, на овој или на оној начин.“

Идејата за индивидуално финансирање на Украина веќе се разгледувала пред декемврискиот самит, но тогаш била отфрлена затоа што се сметало дека ќе ја наруши европската солидарност и ќе ги открие длабоките поделби во Унијата.

Украина има средства до мај

Финансиската состојба на Киев е привремено стабилизирана откако Меѓународниот монетарен фонд одобри заем од 8,1 милијарди долари, од кои 1,5 милијарди веќе се исплатени.

Според извори запознаени со финансиската состојба на Украина, земјата има доволно средства за да остане финансиски стабилна до почетокот на мај.

Претходните проценки на ЕУ укажуваа дека Киев би можел да остане без пари веќе на крајот на март, што би го довело во тешка позиција во однос на руските сили и во момент кога се водат мировни разговори под покровителство на САД.

Спорот околу нафтоводот

Ситуацијата дополнително се искомплицира откако во руски напад со дрон беше оштетен нафтоводот Дружба, кој транспортира руска нафта преку Украина до Унгарија и Словачка.

Орбан ја обвини Украина дека намерно ги одложува поправките од политички причини и поради тоа се повлече од претходното ветување дека ќе го одобри заемот. Тој исто така го блокираше и 20-тиот пакет санкции на ЕУ против Русија, за кој е потребна едногласна поддршка од сите 27 членки.

Унгарскиот лидер, кого на 12 април го очекуваат важни национални избори, води кампања со силна антиукраинска реторика, додека неговата партија Фидес заостанува зад опозициското движење Тиса во анкетите.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски ги отфрли обвинувањата дека Киев намерно ги одложува поправките и изјави дека протокот на нафта низ Дружба може да се обнови „за еден до месец и половина“.

Во Киев и Брисел постои проценка дека доколку Орбан ги загуби изборите, опозицискиот лидер Петер Маѓар би можел полесно да се согласи со заемот, особено ако нафтоводот биде поправен или ако Унгарија добие дополнителни економски поттикнувања од ЕУ.

Поумерен став на Словачка

Во Брисел сметаат дека словачкиот премиер Роберт Фицо е помал проблем од Орбан. Иако тој се приклучи на блокадата, во последните денови сигнализирал подготвеност за компромис.

Фицо во вторникот се сретна со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен во Париз, на маргините на самит за нуклеарна енергија, по што изјави дека разговарале за потребата од обновување на транзитот на руската нафта преку Украина кон Словачка.

Според еден претставник на ЕУ, кога станува збор за убедување на Фицо да прифати договор, „се постигнува напредок“.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни