Американската технолошка компанија Oracle Corporation објави дека ја именува Хилари Максон за нов главен финансиски директор, со основна годишна плата од 950.000 долари, како и бонуси кои можат да достигнат до 2,5 милиони долари. Максон доаѓа од француската компанија Schneider Electric, каде исто така ја извршувала функцијата финансиски директор.
Овој потег доаѓа во период кога Oracle Corporation спроведува голема реструктуризација, вклучувајќи отпуштања на илјадници вработени и план за инвестиции до 50 милијарди долари во дата центри и развој на вештачка интелигенција.
Компанијата се соочува со двоен притисок – од една страна конкуренцијата од генеративните модели на вештачка интелигенција, а од друга страна загриженоста на инвеститорите поради зголемен долг и намален паричен тек. Иако заостанува зад водечките компании во облачниот (cloud) сектор, Орaкл агресивно се финансира преку пазарот на капитал за да ја прошири својата инфраструктура.
Според проценките, компанијата ја зголемила прогнозата за приход за фискалната 2027 година на околу 90 милијарди долари, со очекување дека инвестициите во вештачка интелигенција ќе донесат долгорочен раст и зајакнување на позицијата на пазарот.