Опстанокот на Лекорну ѝ донесе на Франција краток политички здив

Францускиот премиер Лекорну го преживеа гласањето за недоверба

Францускиот премиер Себастијен Лекорну денеска ги преживеа двете гласања за недоверба, откако најави суспендирање на контроверзниот закон за пензии за да обезбеди поддршка во Националното собрание.

Првиот предлог, поднесен од крајната левица „Непокорна Франција“, беше одбиен бидејќи го поддржаа само 271 пратеници – што е недоволно, бидејќи се потребни 289. Вториот предлог, на крајната десница „Национален сојуз“, доби 144 гласа.

Разликата во приносот меѓу француските и германските десетгодишни обврзници – клучен показател за ризик – остана речиси непроменета на 78 базични поени, додека минатата недела изнесуваше над 89. Индексот CAC 40 на париската берза благо порасна за 0,8 отсто, надминувајќи ги европските ривали.

Социјалистичките пратеници, кои имаат клучна улога во парламентот, соопштија дека овојпат ќе ја поддржат владата, откако Лекорну вети суспензија на законот од 2023 година со кој постепено се зголемува старосната граница за пензионирање од 62 на 64 години.

Опстанокот на Лекорну ѝ донесе на Франција краток политички здив по кризата што речиси предизвика распишување предвремени избори и ја остави земјата без план за намалување на буџетскиот дефицит. Избегнувањето нов пад на владата, исто така, ги смири инвеститорите и ги намали трошоците за задолжување.

Но суспендирањето на примената на пензискиот закон има политичка цена за претседателот Емануел Макрон, за кого реформата беше симбол на неговата про-бизнис економска политика. Според владините пресметки, таа одлука ќе го чини буџетот 400 милиони евра во 2026 година и 1,8 милијарди евра до 2027 година.

Социјалистите клучни за опстанокот на француската влада
Партиите што се приклучија на гласањето за недоверба го немаат потребно мнозинство од 289 пратенци

Социјалистите веќе се спротивставуваат на мерките за кратење на расходите, меѓу кои и замрзнувањето на социјалните и пензиските исплати, предупредувајќи дека нивната одлука да не гласаат за недоверба не значи дека му даваат на премиерот „одврзани раце“.

„Ќе видиме што ќе содржи буџетот – не сме дале никакво ветување дека ќе гласаме за него“, изјави Борис Валo, шефот на пратеничката група на социјалистите во Националното собрание.

На денешната седница, пратеникот Лоран Бомел нагласи дека одлуката на социјалистите да не ги поддржат сегашните предлози за недоверба не значи дека ќе постапуваат така и во иднина.

Претседателката на Националното собрание, Јаел Брон-Пиве изјави дека надминувањето на гласањата за недоверба ѝ овозможува на институцијата конечно да се фокусира на преговорите за буџетот.

„Одиме чекор по чекор“, рече таа за француските медиуми. „Сега работиме во дух на компромис, расправа и дијалог.“

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни