„Младите се клучот за силен напредок и светла иднина. Голема е честа и одговорноста што токму на овој ден, Меѓународниот ден на младите ни е доделена награда на Општина Охрид издвојувајки се како општина која е најотворена, инклузинва и работи за младите“, изјави претседателот на Советот на Општина Охрид, Перчо Божиноски на вчерашната конференција „Општините пријател на младите – Младинското учество во фокус“ организирана по повод 12 август, Меѓународен ден на младите.
Наградата се доделува според анализата „Индекс за социjална инклузиjа на младите на локално ниво 2023 – 2024“ која заедно со „Мониторинг извештај за имплементацијата на Законот за младинско учество и младински политики“ беа претставени на вчерашната конференција.
„Во фокусот на овогодинешниот Меѓународниот ден на млади решивме да ги поставиме локалните заедници и младите. Идејата е да дознаеме колку општините се грижат за младите, какви политики креираат и дали испорачуваат соодветни и квалитетни одлуки до младите. Со изборот на ‘Општина пријател на младите’ сакаме да ги истакнеме позитивните примери, а воедно да поттикнеме понатамошен развој и на останатите општини“, посочи претседателот на НМСМ Филип Ивковски.
Овој настан се организираше во рамки на проектот „Заедници инклузивни за млади“ финансиран од Европската Унија, кој имаше за цел да ги ангажира младинските граѓански организации во поддршка на локалните заедници, искористување на постојните механизми за учество во локалните политики, и донесување одлуки поврзани со нивните потреби. Проектот беше имплементиран од Националниот младински совет на Македонија во партнерство со Фондацијата за развој на локалната заедница Штип, Здружението за одржлив развој СФЕРА Интернешнал Битола и Платформата за зајакнување на младите од Гостивар.