По повод 48 години од своето основање, Општина Карпош награди 85 основци со осуммесечни парични стипендии, кои се доделуваат секоја година. Во категоријата спортисти, 34 ученици добија осуммесечни стипендии: 28 спортисти од прва категорија добиваат по 3.500 денари месечно, додека шест спортисти добија стипендии од 3.000 денари месечнo.
Од вкупно 85 наградени ученици, 51 ученик од VIII и IX одделение добија осуммесечни стипендии. Меѓу нив, 22 ученици добија стипендии од прва категорија во износ од 3.500 денари месечно, а останатите 29 ученици се квалификуваа за втора категорија, со месечен износ од 3.000 денари.
По повод роденденот на општината, доделени се награди и на учениците кои победија на литературниот и ликовниот конкурс на тема „Приказна за мојата општина“. Прворангираните добија по 10.000 денари, второрангираните по 6.000 денари, а треторангираните по 4.000 денари.
Дополнително, осум ученици и 10 наставници-ментори беа наградени со еднократна финансиска поддршка од 7.500 денари за постигнати успеси во државни натпревари во природни науки, странски јазици, математика, хемија и музичко образование.
Градоначалникот Стевче Јакимовски изрази гордост на успесите, истакнувајќи дека оваа година, општината покрила сите трошоци за учество на еден од стипендистите кој освоил златен медал на Светски шампионат во математика.
„Среќен сум кога ќе сретнам поранешни стипендисти кои станале успешни професионалци. Овие стипендии се наша поддршка за личен напредок“ додаде Јакимовски.