Опозицискиот академски пленум бара кривична одговорност за врвот на српската власт поради ширење паника и лажни вести

По трагичниот инцидент во Нови Сад, во кој под урнатата надстрешница загинаа 16 лица, српската јавност е сведок на жестоки политички обвинувања и растечка полемика околу тоа кој сноси одговорност за несреќата.

Академскиот пленум во Србија побара јавнообвинителска постапка против министерот за внатрешни работи Ивица Дачиќ, премиерката Ана Брнабиќ, претседателот Александар Вучиќ и уредникот Драган Ј. Вучиќевиќ, поради, како што се наведува, ширење паника и лажни информации поврзани со трагедијата во Нови Сад, каде под рушевина на надстрешница загинаа 16 лица.

Според соопштението, изјавата на Дачиќ дека не може да се исклучи можноста за саботажа претставува дел од „координирана акција на власта и провладините таблоиди“ со цел да се пренасочи вниманието на јавноста од одговорноста на институциите кон теорија за терористички акт.

Во документот се наведува дека претседателот Вучиќ преку објава на снимка на која е прикажан опозициски политичар во близина на местото на несреќата „се обидел да создаде сомнеж дека опозицијата стои зад падот на надстрешницата“, а премиерката Брнабиќ дополнително ја подгреала теоријата за диверзија, спротивно на наодите на вишото јавно обвинителство.

Пленумот го обвинува и новинарот Драган Ј. Вучиќевиќ, уредник на „ТВ Информер“, дека преку своето гласило „шири инсинуации и полуистини со цел да ја поткрепи тезата за терористички напад“.

„Овој здружен потфат на Вучиќ, Дачиќ, Брнабиќ и Вучиќевиќ претставува обид за перење на крвавите раце на власта и спас на нивниот политички рејтинг пред претстојните избори“, стои во соопштението.

Академскиот пленум потсетува дека ширењето паника и лажни вести е кривично дело за кое е предвидена затворска казна до три години, повикувајќи го јавниот обвинител веднаш да реагира. „Доколку не постапи, и самото обвинителство ќе мора да понесе одговорност по промената на власта“, се наведува во реакцијата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни