Еден од темелите на светскиот
оперски репертоар, партитурата на „Травијата“ изобилува со фантастични музички сегменти што уживаат огромна популарност на оперските и концертни подиуми ширум светот. Токму генијалната музика, но и комплексното „безвременско“ либрето напишано според романот „Дамата со камелии“ и живописните ликови кои зборуваат за универзалноста на човековата природа ја сместуваат „Травијата“ меѓу најпопуларните и истовремено најинтимни оперски ремек-дела на Џузепе Верди.

Диригент на операта е Иван Еминовиќ, режијата е на реномираната германска режисерка Верена Штојбер, креирајќи моќна продукција чии главни атрибути се смелото сценско дејствие и визуелниот квалитет, сценограф и костимограф е Софија Шнајдер (Германија), кореограф: Саша Евтимова, концерт-мајстор е Јане Бакевски, а хор-мајстор Јасмина Ѓорѓеска.

Во улогата на Виолета Валери ќе настапи Наде Талевска, во улогата на Алфред Жермон ќе настапи Благој Нацоски, во уогата на Жорж Жермон, Марјан Јованоски, а во останатите улоги настапуваат: Марика Поповиќ, Александра Лазарoвска Василевски, Васко Здравков, Драган Ампов, Дејан Стоев, Борко Биџовски, Игор Гиновски, Тихомир Јакимовски, оркестарот, хорот и балетскиот ансамбл на Националната опера и балет.