Операта распродадена! 53. Мајски оперски вечери со спектакли кои се чекаат со месеци
Со повеќе од половина век традиција, Мајските оперски вечери остануваат единствениот оперски фестивал од ваков вид во регионот и еден од најзначајните културни настани на македонската музичко-сценска сцена. Оваа година, фестивалот го прославува своето 53. издание, со програма која уште еднаш го потврдува неговото место на културната мапа на Балканот.
Како што налага традицијата, свеченото отворање е резервирано за нова продукција. Годинава тоа е „Риголето“ од Џузепе Верди, опера која преку длабоко човечки конфликти и силна емоција ја отвора вратата кон внатрешниот свет на еден дворски шут и неговата нежна, трагична љубов кон ќерката Џилда. Улогата на Џилда ја толкува сопранот Ана Дурловски, која по повеќе од две децении светска кариера, и понатаму ѝ пристапува на секоја улога со внимателност и посветеност.
„Секоја улога ја подготвувам студиозно, не само од музички, туку и од драмски аспект. Не ми е важно само како ќе ја отпеам, туку и како ќе ја почувствувам. Гласот не се ‘троши’, ако се негува со љубов и соодветна техника. Ако пееш со душа, секогаш ќе имаш што да кажеш,“ – вели Дурловски.
Операта како форма бара комплетна посветеност – и музички, и емоционален, и психолошки ангажман. Како што потенцира и оперскиот солист Владимир Саздовски, таа знае да биде и интимна соработка, но понекогаш и судир на силни ега.
Владимир Саздовски
„Операта е специфична – затоа што уметниците се специфични. Сите сме емотивни, посветени, со свои визии и перцепции. Тоа некогаш создава магија на сцената, а понекогаш и предизвици во процесот. Но токму затоа е уметност,“ вели Саздовски.
Програмата оваа година е внимателно курирана и ги носи на сцената делата на мајсторот Џузепе Верди, од отворањето со „Риголето“, до затворањето со спектакуларната „Аида“, уште еден грандиозен наслов што секогаш предизвикува силен интерес кај публиката. Сценографијата, костимите и режисерската визија ветуваат визуелна и музичка раскош.
Ана Дурловски
Како што информира уметничкиот директор на операта, Христо Саракинов, интересот за годинашното издание е рекорден:
„Билетите за речиси сите претстави се веќе распродадени. За нас, тоа е огромно задоволство и потврда дека публиката сè повеќе ја препознава вредноста на операта како жива, моќна и современа уметност.“
Христо Саракинов
Во време на брзи визуелни сензации, операта останува единствено искуство кое ги обединува музиката, драмата и човечката емоција. Мајските оперски вечери се токму тоа – доказ дека класичната уметност не само што опстанува, туку и цвета, благодарение на посветеноста на уметниците и љубовта на публиката.