Историска операција во Загреб: Хрватски лекари спасија новороденче со редок тумор

Во Клиничкиот центар во Загреб е изведена исклучително ретка и сложена операција што се изведува само неколку пати годишно во светските медицински центри.

Тим од врвни лекари на Клиничкиот болнички центар во Загреб успешно изведе еден од најсложените и најризичните хируршки зафати — отстранување голем тумор на главата кај новороденче за време на самото породување.

Малформацијата е откриена уште во текот на бременоста, а лекарите истакнуваат дека токму моментот на раѓање бил критичен: туморот, со големина речиси еднаква на бебешката глава, го попречувал нормалното дишење.

За да го спасат животот на бебето, лекарите примениле исклучително ретка процедура. За време на царскиот рез, новороденчето било извадено само до половина од телото, задржано поврзано со папочната врвца за да може да продолжи да добива кислород од мајката додека медицинскиот тим успоставува нормално дишење. Истото попладне, туморот бил целосно хируршки отстранет.

Ова е прв ваков зафат изведен во Хрватска, а во светски рамки се случува само еднаш или двапати годишно во најголемите специјализирани центри, соопшти Клиничкиот центар „Ребро“.

Бебето денес, на месец и половина од раѓањето, е во добра сос­тојба и нормално се развива. Лекарите нагласуваат дека туморот бил доброквалитетен, со минимални шанси да се трансформира во малиген, но детето ќе биде следено онколошки во првите три години како превентива.

Според медицинскиот тим, успешниот зафат претставува пример за напредокот на хрватската медицина и доказ дека сложените интервенции што некогаш беа изводливи само во светските центри, денес можат успешно да се применат и во регионот.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни